Барса - Билбао осми пат меѓу себе во финале

За 90 денови, Барселона ќе го игра петтото финале на Копа дел Реј во последните седум години. Откако станаа единствен шпански клуб што го освоил „требле“ (тројна круна) во сезоната 2008/2009, Каталонците до денес играа четири пати на завршниот натпревар од Купот.

Барселона два пати го освои купот и тоа против екипа со која ќе вкрстат повторно на 30 мај. Барса го креваше трофејот од Купот во 2009-та и 2012-та откако го совлада Билбао, а останатите две финалиња ги загуби од Реал Мадрид.

Од почетокот на шпанскиот Куп во 1903-та година, Барселона е најтрофејниот клуб во ова натпреварување со дури 26 пехари. Атлетик Билбао е веднаш зад нив со 23. Прв пат меѓу себе во финале на Купот, Барса и Атлетик играа на 2 мај 1920-та година, кога Блауграна славеше 2:0.

Следните три финалиња ги играле во 1932, 1942 и 1953. Првиот пораз на Билбао од Барса во Купот датира од 1932, кога Агустин Саута Бата го реши победникот. Баскијците само еднаш ја победиле Барселона во финалето на Купот и тоа во 1984-та година на Сантијаго Бернабеу.

Во меѓувреме, шпанското радио Кадена Сер соопшти дека Реал Мадрид нема да конкурира финалниот натпревар да се одигра на Сантијаго Бернабеу. Изговорот на Реал е во тоа што размислувале нивниот втор тим, Реал Кастиља да игра на Бернабеу евентуален плејоф тој викенд.

Исто нешто Реал направи и пред три години, кога Атлетик Билбао и Барса играа во финалето, под оправдание дека „го реновирале тревникот“ на теренот. Финалето тогаш се одигра на Висенте Калдерон. Минатата година, финалниот натпревар се играше на Бернабеу, каде Атлетико го совлада домаќинот.

Сцените од прославата на титулата на Атлетико на Бернабеу не им се допадна на „кралевите“, така што сега уште помалку сакаат Каталонци да слават во нивниот храм.