Бајката од Фарски Острови продолжува - Клаксвик го победи и норвешкиот шампион

Она што потајно го посакуваа сите љубители на романтичниот фудбал далеку од милијардите на шеиците, нафтните магнати и олигарси, се оствари. Клаксвик, малото клупче од Фарски Острови урна уште еден многу поголем фаворит.

Сензацијата Клаксвик продолжува. Во 3. коло од квалификациите за Лига на шампиони, после пресврт откако губеа 0-1, на друг терен во главниот град а не на нивниот стадион, го победија норвешкиот шампион Молде со 2-1 со голови во вториот дел.

А Молде веќе неколку сезони е мошне сериозен клуб на меѓународна сцена. Оваа екипа игра одлично во еврокуповите и нивната младинска школа работи беспрекорно. Доказ за тоа се неколку големи трансфери во топ 5 лигите.

Токму Молде го лансираше Ерлинг Халанд во ѕвездите кога од 2017-та до 2019-та на 39 меча постигна 14 гола и замина во богатиот Ред Бул Салцбург.

Но сега Молде налета на момците кои се во јуришна еуфорија. ФК Клаксвик од Фарски Острови, екипа која чудесно ги елиминираше унгарскиот трофеен Ференцварош и шведскиот шампион и освојувач на Купот Калмар.

Кога сите сметаа дека Молде ќе стави крај на бајката, Клаксвик одново испиша историја и победи 2-1 со чудесни голови!

Во 49’ минута гостите од Норвешка поведоа со 0-1 благодарение на голот на Магнус Ејкрем но Клаксвик одговори со двата гола на Орни Фредериксберг во 64’ и 86’ минута за конечни 2-1!

Овој јунак, стрелец на два прекрасни евроголови паралелно со фудбалот работел и како извршен директор во кетеринг компанија за достава на храна, а пред 7 месеци работел и во банка на Фарски Острови.

Фредериксберг досега на пет натпревари во квалификации за ЛШ постигна шест гола, плус еден во пенал серијата со шведски Хакен. Претходно тој два гола му даде на Ференцварош на гости и два на Хакен во реваншот среде Шведска. Со овие два последни против Молде синоќа стигна до бројката од вкупно шест гола.

Клаксвик и пред овој двомеч си обезбеди групна фаза во Лига Конгеренции и испишаа историја како прв клуб од Фарски Острови кој влегол во групи од некој еврокуп.

КЛАКСВИК СÈ УШТЕ ИМА ДОЗВОЛА ДА ИГРА НА СВОЕТО МАЛО СТАДИОНЧЕ, НО ЗА ПОНАТАМУ ЌЕ МОРА ДА БАРА ЧАРЕ

И покрај прекрасната бајка, Клаксвик се најде во незавидна позиција. Успесите во еврокуповите им зададоа и голем предизвик со домашниот стадион (најисточен стадион во најсеверната земја во Европа).

Работата е во тоа што нивното стадионче„Вид Дјупумирар“ не ги исполнува условите за настап во групна фаза од еврокупови ниту за 3. коло и плејоф. УЕФА налага многу критериуми а прв и најважен секако е капацитетот. Ова стадионче собира околу 2.500 гледачи а според статијата 29.01 од правилникот на УЕФА, за 3. квалификациско коло во Лига на шампиони е потребно да се исполни стадион од минимум 3-та категорија, односно со најмалку 4.500 гледачи.

Поради тоа синоќа против Молде играле на стадионот „Торсвалур“ во главниот град Торшавн кој е поголем.

Како што Клаксвик веќе осигура групи во Лига Конференции со многу поголеми клубови, тие ќе мора да најдат стадион од 4-та категорија (статија 29.01) односно стадион со капацитет од најмалку 8.000 места.

На Фарски Острови нема таков стадион. Двата клуба во главниот град Торшхавн собираат 5.000 и 6.000 гледачи и на нив игра репрезентацијата. Клаксвик доаѓа од градче со 5.000 жители.

Можно е УЕФА да им наложи да играат домашни мечеви од ЛК во Данска која што е оддалечена 1.400 километри од нив.

Еве како изгледа стадионот во Торшавн каде играле синоќа со Молде:

9 август 2023 - 08:54