Бајката на тандемот од Кротоне - мигранти со 27 гола во Серија А

Нигериецот Симеон Точукву Нванкво - Сими и Бразилецот Жуниор Месиас се тандем со неверојатна животна приказна. Судбината ги споила во Кротоне каде ја заинтригираа европската фудбалска јавност. Даваат голови, асистираат и сакаат да останат во Серија А. А тргнале од 0.

Кога се објави веста за создавање Суперлига, многу тренери од Серија А ја критикуваа идејата. Најгласен беше тренерот на Сасуоло, Роберто Де Ѕерби.

Тој рече: „Во основата на фудбалот е можноста послабиот да стигне до врвот. А сега сакаат да биде така на син на мајстор да му се забрани да биде хирург, адвокат или доктор“.

Оваа изјава на Де Ѕерби најмногу ја отсликува приказната за напаѓачкиот тандем на Кротоне, Симеон Точукву Нванкво познат како Сими и Жуниор Месиас.

Центафорот на Кротоне Жуниор Месиас сонувал да стане фудбалер, но на 20 години мигрирал во Италија за да работи и преживее, а не да игра фудбал. Неговиот другар Сими во 2016-та година добил богата понуда од Казахстан, но се решил за италијанска Серија Б.

Не ни претпоставувал дека ќе даде прекрасен еврогол против Јувентус и дека ќе стане најдобар африкански стрелец во историјата на Серија А. 

Кротоне веќе е испаднат во Серија Б, но Сими и Месиас скоро сигурно ќе останат во елитната Серија А, во некој поголем клуб. Двајцата сезонава 2020/2021 постигнале 27 од вкупно 42 гола на Кротоне во Серија А.

Ниту една друга екипа не зависи така од својот напаѓачки тандем како Кротоне.

А што е најинтересно, клубот ги довел за помалку од 1 милион евра. Навивачите сега коментираат дека за вакви бајки нема место во бизнис Суперлига каде богатите и влијателни газди сакаат резултат преку ноќ.

ЖУНИОР МЕСИАС БИЛ КУРИР ПА СТАНАЛ ПРОФЕСИОНАЛЕН ФУДБАЛЕР НА 27 ГОДИНИ

„Слушав како ми бараат: „Полека Мико, намали малку“. Мико ме викаа од детство, тоа е име на мајмун кој живее во Бразил. Тогаш не слушав ништо и стискав на гас.

Се враќавме од роденден на брат ми. Јас бев пијан, не спиев цела ноќ. И ми се затворија очите во еден момент. Излетавме од патот во поле. Можев да загинам но ме спаси Бог. Таа ноќ го прифатив Господ. Од тогаш верувам толку искрено и силно колку што можам. Се има смисла, а Бог мене ме спаси. Многу години пиев, се журкав, се забавував, се губев себеси. Но Бог се погрижи за мене“.

Жуниор Месиас има 30 години. Роден е во Бразил, во Бело Хоризонте. 

Во Италија дошол на 20 години. Не за да игра фудбал, туку да заработи за да го прехрани семејството. Брат му веќе се преселил во Италија. Жуниор на почеток дошол во квартот Barriera di Milano во Торино, во предградието на градот каде има социјални живеалишта за многу мигранти. Таму живеат разни култури и националности.

На почеток чистел шут, остатоци и цигли од разрушени зданија. После работел како мајстор, а работел и како продавач на апарати за домаќинство и курир.

Му помогнале познаници од Перу со кои играл во аматерскиот тим Спорт Варик во градско првенство UISP (Unione Italiana Sport per tutti).

„Беше една глава повисок од сите. Го викавме „фигура“ што на шпански значи ѕвезда. Месиас беше просто феноменален. Сите противнички тимови ни завидуваа на него. Го освоивме првенството Uisp во Торино а после и регионалниот турнир. Тој брзо стана најдобар играч. Ни на сон не можевме да претпоставиме дека ќе стигне до Серија А“, се сеќава Артуро Варгес, директор на малото клупче Спорт Варике, во разговор за Tuttosport.

Жуниор Месиас, денес ѕвезда на Кротоне, вели дека фудбал играл од задоволство, за да се одмори од напорната работа.

„Тогаш сфатив дека ако се трудам, тоа ќе биде единствен пат и така тргнав. Најубави моменти беа кога некој од клиентите доаѓаа да помубаетат со мене или испијат кафе. Возрасните луѓе често се осамени, јас исто бев осамен зошто семејството ми беше во друга земја“, го памти Месиас тешкиот почеток во Италија.

Тој се помирил дека нема да стане професионален фудбалер и дека ќе работи како курир.

„Му се доверив на Бога. Сакав да ми даде сигнал, да ја одобри мојата одлука да заборавам на фудбалот. Но од тој ден ми се отворија сите врати“.

Жуниор Месиас добил италијански пасош и државјанство, а следниот ден Ецио Роси, поранешен легендарен фудбалер на Торино и Верона му понудил да стане играч на аматерскиот клуб Фосано.Месиас одбил зошто не му биле доволни 700 евра месечно да оди до таму, но дошол на проба.После два дена Бразилецот потпишал професионален договор на 1.500 евра.

„Кога го видов првпат на терен, не верував на моите очи. Не сфаќав како може таков брилијант да игра со аматери“, се сеќава Роси кој го однел во Фосано.

Месиас постигнал 20-ина голови за анонимниот клуб Фосано а екипата го освоила аматерското првенство. На 25 години дебитирал во Серија Д, на 27 во Серија Ц, а на 28 во Серија Б.

Скаутот на Кротоне, Лука Дел Амико го приметил на еден меч на Гоцано каде после Фосано заиграл Месиас.

„Ѝ кажав на управата дека треба да го потпишат“. Во јануари 2019-та Кротоне го купил Бразилецот од Гоцано и уште двајца други играчи за вкупно 500.000 евра но само Месиас останал во екипата.

Бразилецот плачел кога потпишувал договор. Не му се верувало.

„Не сфаќам каков играч добивме. Многу пати им се заблагодарив на нашите директори за тоа што Месиас игра за нас“, рекол тренерот на Кротоне тогаш Џовани Стропа.

Во првата, дебитантска сезона во Серија Б со Кротоне, Месиас имал 6 гола и 4 асистенции. Во Серија А е уште подобар сезонава: 8 гола и 4 асистенции.

„Што учи мојата историја? Дека е потребна среќа, но треба и многу работа. Јас никогаш не се сметав за јак играч. Напротив, мислам дека сум послаб од другите. Затоа многу тренирав. И благодарен сум му на Бога, тој направи се за мене. Тој е како воздух. Без него не можам да живеам. Тој ми дава самодоверба во тоа што го правам. Му благодарам на Бога за се што се случува со мене, се има смисла. Му благодарам што сега играм со најсилните и играм на терен против Кристијано Роналдо“, ја завршува својата приказна фудбалерот на Кротоне

ВИСОК СКОРО 2 МЕТРИ, СИМИ ЗА ЧЕТИРИ ГОДИНИ СТАНАЛ НАЈДОБАР СТРЕЛЕЦ ВО ИСТОРИЈАТА НА КРОТОНЕ, А ПРОТИВ ЈУВЕ СЕ ПРОСЛАВИ

Либериецот Жорж Веа кој блескаше во Милан, ја освои „Златната топка“. Камерунецот Самнуел Ето заедно со нашиот Пандев освоија фамозна триплета во 2010 со Интер.

Но високиот и малку познат Симеон Точукву Нванкво - Сими од скромниот клуб Кротоне од Југот на Италија постигна нешто што не му пошло од рака на ниту еден африкански фудбалер во Италија.

Во сезоната 2019/2020 Сими постигнал 20 гола и станал најдобар стрелец во Серија Б. Никогаш претходно фудбалер од Африка не бил најдобар стрелец во италијанскиот фудбал.

„Он е чудесен финишер. Јас сум работел со многу играчи на највисоко ниво, но никој не давал голови како него“, вели тренерот на Кротоне, Серсе Козми кој низ кариерата ги тренираше Фабрицио Миколи, Винченво Јаквинта, Антонио Ди Натале, Луис Муриел итн.

Но Сими не останал на тоа.

После 33 кола во Серија А сезонава, високиот Нигериец (Висок е 1.98 см) има 19 гола. Повеќе од него имаат само Кристијано Роналдо (25) и Ромелу Лукаку (21). Сими игра за последниот тим во Серија А и пак има повеќе голови од топ напаѓачи како Златан Ибрахимовиќ, Чиро Имобиле и Лаутаро Мартинез. 

Интересно, кога Кротоне решил да го доведе високиот Сими од португалскиот Жил Висенте во летото 2016-та, тифозите се смееле. Не обрнувале внимание што центарфорот таа сезона во Португалија постигнал 20 голови. Тие го гледале неговиот надворешен изглед затоа што Сими има нескладна висина за фудбалер, има многу долги нозе и потсеќа на пајак додека трча.

Притоа Симеон Точукву Нвакнво немал некој сјаен старт во Кротоне и ретко играл. 

Во дебитантската сезона за Кротоне во Серија А, Сими само четири пати заиграл од старт па немал голем удел во спасот и опстанокот на „рособлу“.

Следната сезона тој играл почесто а мечот со Јувентус во април 2018-та го вивна во ѕвездите. Момент кој ја подели неговата кариера на до и после.

Пред 15.000 гледачи (рекорд на стадионот на Кротоне), против шампионот Јувентус, високиот Нигериец постигна еврогол преку себе. Само две недели претходно Кристијано Роналдо во дресот на Реал го даде оној спектакуларен гол против Јуве кога стоечки му аплаудираа навивачите.

Сличен еврогол постигна и високиот Сими против Јуве. Тифозите од тој момент го засакаа како идол и го нарекоа „Симиалдо“.

„Тој прекар ми го дадоа нашите тифози. Секако, јас никогаш не би си дозволил да викам за себе дека сум како Кристијано. Он е неверојатен. Но голот против Јувентус ми го смени животот. Станав посамоуверен во себе, сфатив дека можам да дадам гол против кој било. Тоа беше најважен момент во мојата кариера“, раскажал Сими.

Во 2016-та година добил богата понуда од Казахстан. Понуда со која би ги решил сите животни прашања во иднина. Но добил и понуда од Серија Б.

„Не можев да поверувам дека ме викаат во Италија. Мене во тој момент ништо друго не ме интересираше. Италијанска лига е една од најпопиларните во Нигерија, сите ја следат. Таква шанса не се пропуишта“, рекол Сими.

Управата на Кротоне дала 400.000 евра за негов трансфер.

Тој за 4 години на Југот од Италија добил разни понуди: од Кина, од Фрозиноне, од Лацио во летото 2020-та, но решил да остане. Не сакал да го напушти клубот кој му дал шанса да го оствари сонот.

„За мене Кротоне е втор дом. Тука сите ме сакаат, на семејството им се допаѓаградот. Зошто би менувал нешто ако ти е добро“? 

20 постигнати гола минатата сезона беа сигнал на кој малку кој обрна внимание.

Сими Нванкво можеше да биде прв стрелец сезонава. Пред почетокот на првенството 2020/2021, тој рекол „Дали сакам да бидам најдобар стрелец во Серија А после Серија Б? Тука се Осимхен, Роналдо, Лукаку. Мене ме интересира само опстанокот на Кротоне, тоа ќе биде мое скудето“, додал Нигериецот.

Тој постигнал досега 65 гола за малиот клуб од Јужна Италија и е најдобар стрелец во историјата на Кротоне. Го урнал рекордот на Андреа Дефлорио кој дал 54 гола за овој клуб во Серија Ц1 и Серија Б.

29 од 65 гола на Нигериецот се во Серија А. Го надмина и неговиот сонародник Обафеми Мартинс кој блескаше во Интер кај Роберто Манчини на средината од 2000-те години.

Интересно, уште ниту еден фудбалер од Нигерија (земја со 201 милион жители) не постигнал 19 гола во една сезона во Серија А. Сими е прв. Претходно Мартинс даде 11 погодоци во сезоната 2004/2005 за Интер. Идол на Сими му е сонародникот Нванкво Кану поради кого навивал за Арсенал.

„Кану победуваше секаде, дури и со Портсмут освои ФА Куп“, се сеќава шпицот на Кротоне.

И тој е висок како Кану па затоа го нарекле Сими Кану.

„Кану ми е само ориентир. Тој се справил со сите тешкотии (на 20 години операција на срце) и тоа ми помага да одам напред. Но јас не сум постигнал ни десет проценти од тоа што тој го направи. Кану испиша историја во фудбалот“.

Рекордот на Нванкво Кану се 13 гола за Ајакс во сезоната 1995/1996. 

До крајот на Серија А има уште неколку кола што значи дека тандемот Сими - Месиас има шанса за уште голови и асистенции, пред Кротоне да се пресели во Серија Б. А нив патот ќе ги однесе веројатно во некој посилен клуб во Серија А.