Баерн-Реал и Челси-Барса во полуфиналето на ЛШ

Челси и Реал Мадрид се последните полуфиналисти од Лигата на шампиони. Челси се намачи против десетмина фудбалери на Бенфика, а АПОЕЛ се збогуваше со пет примени, но и два дадени гола против Реал Мадрид.

Малку фалеше Челси да биде елиминиран од Бенфика во четвртфиналето од Лигата на шамшиони и покрај тоа што имаа предност од првиот натпревар во Лисабон, а на реваншот во Лондон цели 50 минути имаа играч повеќе на теренот.

Фудбалерите на Челси имаа предност уште од 21-та минутиа кога Хави Гарсија го собори Ешли Кол во шестнаесетникот, а сигурен реализатор на пеналот беше Френк Лампард.

Предноста од вкупни 2:0, како и вториот жолт картон на Переира во 40-та минута, ги опушти фудбалерите на Челси и за малку ќе беа казнети.

Бенфика не се предаде и успеа да израмни во 85-та минута откако Гарсија ја искористи заспаноста на одбраната на Челси и го совлада Чех со удар со глава.

Бодрени од 4.000 навивачи на Стемфорд Бриџ, фудбалерите на Бенфика се обидоа да направат целосен пресврт, а одлична шанса да го стори тоа имаше младиот Нелсон Оливеира, но по пропуштената шанса следеше казна на спротивната страна.

Раул Меирелеш по еден брз контра напад ја докрајчи Бенфика со прекрасен гол во 92-та минута.

По победата од 0:3 на првиот натпревар во Кипар, Жозе Мурињо направи неколку измени во својот состав, а опуштените фудбалери на Реал Мадрид одржаа лесен тренинг и приредија забава со седум гола на Сантјаго Бернабеу.

АПОЕЛ се обиде со дефанзивна игра да го сочува својот гол, но издржа само 26 минути. Првиот гол за Реал Мадрид го постигна Кристијано Роналдо, а предноста до полувремето ја зголеми Кака.

Дефанзивецот на АПОЕЛ, Паоло Жорже загуби три заба при еден дуел, но неговиот тим успеа да постигне три гола против големиот Реал Мадрид. Стрелци на головите за АПОЕЛ беа Мандука во 67-та и Солари од белата точка во 82-та минута.

Фудбалерите на Реал Мадрид сепак не се покажаа како добри домаќини и се погрижија да ги испратат своите гости од Кипар со пет гола во нивната мрежа. Роналдо постигна уште еден гол во второто полувреме, а по еднаш во листата на стрелци се запишаа и Каљехон и Ди Мариа.

Иван Тричковски го пропушти овој дуел заради повредата заработена на првиот натпревар.

Во полуфиналето од Лигата на шампиони ќе играат Баерн Минхен против Реал Мадрид и Челси против Барселона. Првите натпревари ќе се играат на 17 и 18 април, а реваншите се закажани за по седум дена.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ЧЕТВРТФИНАЛЕ:

Челси - Бенфика 2:1 (прв натпревар 1:0)
Лампард 20п, Меирелеш 90 - Гарсија 85

Реал Мадрид - AПОЕЛ 5:2 (3:0)
Роналдо 26, 76, Кака 37, Каљехон 80, Ди Мариа 84 - Мандука 67, Солари 82п

Барселона - Милан 3:1 (0:0)
Меси 11п, 42п, Иниеста 53 - Ночерино 33

Баерн Минхен - Олимпик Марсеј 2:0 (2:0)
Олиќ 13, 37

4 април 2012 - 23:45