Ларс Лагербек

Авторот на исландската бајка кој го скроти Ибрахимовиќ

Човекот кој девет години ја водеше Шведска на големите натпреварувања имал авантура и во Нигерија каде сфатил дека фудбалерите успехот или неуспехот го гледаат низ призма на религијата. Денес, на 67 години е творец на чудесната бајка на Исланд на Европското.

Во кабинетот на селекторот седеле Олоф Мелберг, Кристијан Вилхемсон и Ларс Лагербек со својот стручен штаб. Се чекал уште Златан - тој доцнел како и обично, како и дента претходно. Тројцата играчи го славеле роденденот на Вилхемсон до доцна во ноќта и во хотелот на репрезентацијата се вратиле во четири сабајле наместо во 23.
 
Новинарите намирисале сè и известувале за нарушувањето на режимот на селекторот Лагербек и тоа пред почетокот на квалификациите за Европско 2008. Како така ја победија Латвија на стартот, но скандалот со тројцата фудбалери кои пијани лутале по Гетеборг не беше заборавен.
 
На следниот тренинг последен се појавил Златан. Сите освен него биле очајни, а Чипен (така Ибра го нарекува Вилхемсон во својата автобиографија) барал прошка, исто и стоперот Мелберг. Сите очекувале милост да побара и Златан.
 
- И, Златан, што ќе кажеш?
- Немам што да кажам.

„Златан нема што да каже, замислете Златан"? - рекол Лагербек кој го карал Ибрахимовиќ како мало дете. „Одлучивме да не играте против Лихтенштајн". Високиот центарфор и натаму молчел, но Лагербек ја видел првата емоција кај него следното утро кога Ибрахимовиќ бил намуртен.

Ибра доби амнестија, ја напушти репрезентацијата, но потоа се смири со Лагербек, појде на Европското каде не играше поради повреда. Очајната Шведска заврши како трета во група со Шпанија, Русија и Грција. Ларс Лагербек не е првиот тренер кој имал проблем со Ибрахимовиќ. На крајот Златан признал дека никој не се карал со 67-годишниот селектор, но „дека Ларс заслужено ја носи титулата најдосаден човек во Шведска".

Ларс бил таков од детството. Роден е на стотина километри од Стокхолм, но семејството наскоро се преселило во провинцијата Меделпад каде татко му добил поунда за работа дрвосечач. Ларс растел покрај шума каде немало ништо за дете освен да гледа како паѓаат сечените смреки.

Целиот округ го нарекувал Ларс мирно и скромно момче.

Како селектор Ларс понекогаш знае да викне по судиите, но повеќе од слабост отколку од зла намера. Обично тој стои во тренерскиот простор и како Висенте дел Боске во четвртфиналето против Италија не станува многу од клупата.

„90% од работите се вршат пред мечот, не сомневајте во тоа. Кога се работи за фудбал, повеќе се потпирам на факти отколку на емоции". Во 2007. година на мечот против Северна Ирска новинарите го поразиле со прашањата а тој признал: „Направив емоционална замена. Јас сум крив. Тоа ми е една грешка во 10 години и не е така лошо".

Како ретко кој, Швеѓанецот знае да ги контролира чувствата. Знае да се воздржи во пораз, и кога го прашале зошто не покажува емоција после триумфот, тој вели: „Не сум од тие што скокаат од радост. За мене победата е прекрасно но мирно чувство кое се шири по целото тело".

По воениот рок, Ларс се запишал на Универзитетот Умеа каде студирал политички науки и економија, а паралелно работел во локалниот тим Гимонасе. Политиката му одела добро и денес во Исланд многумина би го виделе како претседател на оваа земја со која направи чудо.

Летово Лагербек се радуваше како никогаш претходно. По девет години селектор на Шведска, доби понуда да го води Исланд во квалификациите за ЕП 2016. А таму не само што се пласираше, туку стигна до полуфиналето со оваа нордиска земја.

„Исланѓаните се повлечени во себе дури понекогаш и самобендисани. Може да станат од маса и да си одат без ништо да кажат. Кога ќе прашаш: „Кај одиш"?, ти одговараат „Веројатно имам некоја работа штом одам".

И како политичар и како тренер бил конзервативен. Во Шведската школа за медицина и спортски науки, Ларс слушал предавања на Рој Хоџсон и Боб Хафтон. Во 70-те и 80-те години и Хафтон и Хоџсон работеле во шведски клубови и го создале целиот шведски фудбалски систем, од методи на работа до тактички шеми. Хафтон почнал тренерска авантура во Кина, Узбекистан и Индија а Лагербек го надмина Хоџсон на Европското 2016-та.

„Во своето време Рој стори многу за шведскиот фудбал. Го смени системот на тренинзи, ме научи мене и другите разни тактички нијанси", му се дивееше Лагербек на Хоџсон на една од конференциите за медиуми во Ница летово.

Во '70-те Лагербек првпат ја посетил Англија: бил во Вест Хем чијшто тренер бил Рон Гринвуд кој подоцна станал и селектор на Англија. „Рон ми кажа тогаш дека концептот е генијално прост. Од тогаш не сакам кога луѓето зборуваат за атрактивен, спектакуларен фудбал. За мене фудбалот може да биде добар или лош. Тим составен од 11 Златановци никогаш нема да победи", вели Лагербек кого шведските новинари поради ова го напаѓаа после секое Светско или Европско првенство.

Лагербек е строг претставник на класичната тренерска школа: За 40 години се чини дека никогаш не се откажал од омилената формација 4-4-2. Тренер станал како млад, затоа што како играч никогаш не се кренал повеќе од третата лига а од 1970. година работел во Гимонас како стучен соработник. Седум години подоцна станал тренер на овој клуб кој играл во четвртата лига а во 1990. година го викнале од Шведската фудбалска федерација за да стане селектор на У-21 репрезентацијата.

Младите категории се многу важен дел за него. Па и кога прифатил да работи на Исланд, најважен фактор му бил успехот на младите фудбалери на Исланд на Европското 2011-та година.

Работел како скаут во шведската репрезентација на ЕП 1992 и СП 1994. На Исланд живее преку лето, а во неговиот фокус константно се 35-40 играчи. Селекторот на Исланд работи во пар со Томи Содерберг и со неговиот пријател Хеимир Халгримсон кој е професионален стоматолог. Тандемот Лагерберк - Содербег е формиран во 1997. година. „Кои се овие две будали"?, шепотеле играчите на Шведска пред Мундијалот '98-ма во Франција гледајќи ги неодвојните Лагерберк и Содербег.

На првиот тренинг одлучиле одвреме-навреме да им дозволат да се опуштат во паб на пиво. Нивниот пристап со играчите донесе успех затоа што Швеѓаните се пласираа во 2002. година на Светското во Јапонија и Јужна Кореа во група со Аргентина, Англија и Нигерија.

Тренерската кариера Ларс ја продолжи во Африка, без Содерберг, и тоа на три месеци пред почетокот на Светското првенство. Ларс освои еден бод на три меча со Нигерија, наводно му биле понудени 12 милиони долари во следните пет години, но не се договориле.

Лагербек побегнал од таму, затоа што како што тврдел раководните лица земаат мито, федерацијата без да го праша договорила две пријателски средби со афрички селекции пред почетокот на Светското, а во земјата буквално се се плаќало во кеш.

„Во Нигерија се се гледа низ религијата. Слабо играле? Ах тоа е волја на Бог или на Алах, зависи кој во што верува", рекол Лагербек. Решил веќе да не пробува нешто слично и да и остане верен на Скандинавија. Наместо Велс го избрал Исланд.

Кога пристигнал на Исланд, Лагербек дознал дека секој 15-ти човек е професионален фудбалер, односно дека во земјата има околу 500 тренери со лиценца за работа од УЕФА. Најпрвин рекол дека намерата му е да го однесе Исланд на Светското првенство во Бразил 2014-та, но помошникот Халгримсон сметал дека тој потфат е луд и невозможен.

Исланѓаните на крајот за малку не отидоа, затоа што испаднаа од Хрватска во баражот. Ова е прво од седум европски или светски првенстви на кои Лагербек не бил. Но на патот кон Европското 2016, Исланд ги победи Холандија, Турција и Чешка Република. Таков успех како во Исланд немало претходно во кариерата на Ларс Лагербек.

 „Неверојатно е важно тимот да има план. Што сме подобро организирани, тоа поголеми шанси имаме. Исланд е земја која за разлика од другите северни земји има поцврст карактер и професионалност кај играчите. На првиот тренинг Ларс им кажал дека ќе им зборува на непознат јазик, поради што во улога на преведувач се нашол помошникот Халгримсон. Комуникацијата траела 30-40 минути после што играчите излегувале инспиративно на терен.

На инсистирање на Лагербек, репрезентацијата добила нови физиотерапевти, масажери и доктори. Ларс работи во конференциската сала, таму има своја канцеларија на стадионот во Рејкјавик. „Се плашам дека дојде времето. Веќе не сум млад. По Европското 2016 селекцијата ќе ја води досегашниот помошник Халгримсон. Имав среќа да го пропатувам целиот свет, да запознаам интересни луѓе и да видам неверојатни работи. Не знам што ќе биде понатаму, иако може да ја одложам пензијата". заклучува авторот на најголемиот успех на Исланд на едно големо натпреварување.