Атомски ракомет во Келн - Франција е европски шампион!

Француската ракометна репрезентација по четврти пат стигна до европското злато откако во мегдан на титаните во Келн вечерва, во големото финале ја совлада Данска 33:30.

Пред полни трибини во Келн, Данците водеа речиси во текот на целиот меч, но на крајот повеќе концентрација имаа Французите кои славеа нов триумф. 

Двата тима неброено пати се враќаа, се одлепуваа и повторно се враќаа. Скандинавскиот состав неколку пати одеше и на плус три гола предност но Франција секогаш имаше одговор за најголемиот ривал.

Финалето со гол од седмерец го отвори Иго Деска и Франција поведе. Возврати Гидсел со два експресни гола и следуваше резултатска клацкалица.

Емил Нилсен стартуваше на голот кај Данците и бранеше одлично од почеток но тоа неговите соиграчи не го искористија и „експертите“ поведоа 6:4. 

На сето тоа избраниците на Николај Јакобсен останаа и со играч помалку, но „триколорите“ не го искористија тоа. Данска тогаш се крена како феникс и со неверојатна серија од 5:0 поведе на огромни 9:6.

Следуваше серија од 3:0 на Французите кога Наи и Лен го разбија данскиот гол и израмнија на 9:9. Првиот дел заврши со реми 14:14 иако е важно да се напомене дека Данска имаше црни седум минути без погодок.

Ветеранот Микел Хансен блескаше во вечерашното финале и со два погодоци од седум метри го отвори вториот дел. Голманот на Данците Емил Нилсен продолжи да брани во транс и скандинавската селекција во еден момент отиде повторно на +3 (17:14) со голот на сјајниот Гидсел.

Данска долго време ја одржуваше предноста од два-три гола во првата фаза од вториот дел. Хансен од линијата за седум метри имаше фантастични 6/6. Во 50' на десет минути пред крајот, Данска водеше 22:20.

Од тој момент започна луд ракометен спектакл и драматична завршница каква што може да понудат овие две најдобри селекции на светот.

Франција со голот на снажниот Фабрегас израмни 23:23 а Мае со погодок од седум метри на пет минути до крајот ги однесе „триколорите“ во водство кое долго време го бркаа.

Во последните пет минути Хансен ја поведе својата Данска во игра 7 на 6 и со негови два погодоци оваа репрезентација повторно водеше овојпат 26:25.

Гидсел со силен шут од далечина ја доведе Данска на праг на ново европско злато но набрзо на нивен пасивен напад Франција експресно организираше контра напад и со голот на Фабрегас израмни 27:27 во последните секунди од мечот.

ПРОДОЛЖЕНИЈА 2Х5 МИНУТИ

И во драматичната завршница Јакобсен храбро реши Данска да игра и натаму 7-6 во напад без голман на голот. Тоа им одеше во рака на старт од продолженијата, водеа со гол на Киркелоке но Ремили кој на крајот стана МВП на Европското.

Во првите пет минути од продолжението немаше селекција која направи драстична резултатска предност. Ова значеше ново реми 29:29 и пат во второ продолжение.

А таму силниот Дика Мем со два прецизни удари ја однесе Франција на два гола предност и тука Французите со една рака го допреа трофејот.

На крајот Пранди ги постави конечните 33:31 со прекрасен шут и Франција по четврти пат стана европски шампион.

Најефикасни на мечот беа Фабрегас со осум гола и Ремили со пет погодоци а Хансен со девет гола беше прв стрелец кај Данците.

Во дуелот за трето место и бронзен медал Шведска го совлада домаќинот Германија 34:31 (18:12) и обезбеди место на Олимписките Игри додека Германците ќе треба да играат квалификации.

28 јануари 2024 - 19:52