
Откако Арсенал во неколку наврати се обиде да го донесе во составот Луис Суарез од Ливерпул денеска пристигна најинтересната понуда од 40.000.001 фунти или само една фунта над заокружената сума.
Дали се работи за некаков трик или не, дилемите ги разреши новинар од Тајмс кој одлично ги познава случувањата на „Енфилд Роуд" и кој изјавил дека оваа понуда е смислена од страна на агентот на фудбалерот, Пере Гвардиола кој се надева дека Ливерпул ќе му дозволи на Суарез да си замине со секоја понуда која ќе биде над 40 милиони фунти.
„Со само една фунта повеќе од неговата клаузула тимот е должен да го извести фудбалерот за понудата. Ливерпул ќе разговара со него, а неговата иднина ќе биде за брзо време позната", смета новинарот Тони Барет.
Контроверзниот напаѓач кој минатата година доби мега суспензија од 10 меча пауза поради тоа што го гризна Ивановиќ од Челси долго време беше исмејуван на социјалните мрежи.
Овој пат навивачите се шегуваат на сметка на новата понуда која пристигна за него, а еден од коментарите на Твитер е доколку Ливерпул ја одбие оваа понуда дали може ќе се одлучи да го продаде за 40 милиони плус 2 фунти.