Во КОНКАКАФ зоната под која потпаѓа фудбалот во Северна, Централна Америка и Карибите имаше едно изненадување, една сигурна и убедлива победа и еден разочарувачки резултат каде падна само еден гол, а дека воопшто постојат овие квалификациски средби за Светско, можеби и не сте чуле.
Првиот е меѓу Сент Китс и Невис и Туркс и Каикос. Домаќините славеа со 6:2, но тие се разочарани од резултатот и очекувале многу поубедлива победа, затоа што се 121-ва селекција на ранг листата на ФИФА, а Туркс и Каикос се на 176-то место.
Сент Китс и Невис бележи голем прогрес во фудбалот на Карибите. Пред 20 години редовно губеле и примале по 16, 17 или 18 голови, а сега не се задоволуваат ниту со 6:2. Доколку на реваншот не се случи сензација во следната рунда ќе се сретнат со Ел Салвадор.
Погледнете како се брани голманот на акцијата од 1:50
Никарагва, која во Централна Америка се граничи со Хондурас и Коста Рика и која е 185-та репрезентација на рангот на ФИФА славеше убедливо со 5:0 против 208-та селекцијата во светот, Ангулија која се наоѓа на британската територија на Карибите. За Никарагва тоа е прв триумф по три години, додека Ангулија нема постигнато гол од 2011-та.
Интересно е што овие две анонимни фудбалски земји имаат странски селектори. Никарагва ги води Костариканецот Хенри Дуарте, додека на селекторската фотеља на Ангулија е Пољакот Ричард Орловски.
Најголемото изненадување на овие за нас непознати квалификациски дуели го направија Американските Девствени Острови кои го совладаа Барбадос на гости со 1:0. Тоа беше првиот триумф на 197-та селекција во светот предводена од Ахмед Мохамед Ахмед после четири години. Според извештајот домаќините биле подобар противник, но промашиле два пенали, а проблем плус е што рано го примиле голот, во 16-та минута и половина час играле со играч помалку.