Анонимниот хрватски селектор кој во пустина учел занает - сега прави чуда

Бил тренер на хрватскиот скромен клуб Вартекс и додека чекал повик од Хајдук или Динамо на телефонот му се појавил арапски број. Набрзо сфатил дека во животот најголемите победи се остваруваат со макотрпна работа и поднесување жртва.

Хрватска го игра најдоброто Светско во последните 20 години. Практично по независноста, Хрватите со незаборавната генерација станаа трети на свет на Мундијалот 1998, но потоа три пати не пројдоа група (2002, 2006 и 2014) а еднаш не се ни квалификуваа за најголемиот настан (2010 во Јужна Африка).

Среќа на Хрватите неочекувано им донесе Златко Далиќ - тренер кој дојде да ја спасува репрезентацијата кога беше тензично и тешко.

Во октомври 2017 на коло пред крајот од квалификациите Хрватите одиграа очајни 1-1 дома против Финска, ги изгубија шансите за прво место и директен пласман и мораа да се борат со Украина за второто место. Тогашниот селектор Анте Чачиќ доби отказ а јавноста фигуративно го линчуваше.

Далиќ како прилично непознат стратег ја презеде репрезентацијата на две недели пред клучниот меч против Украина во Киев (тогаш двете селекции имаа по 17 бода), а „коцкестите“ беа на прагот да гледаат Светско првенство пред телевизија.

Но Хрватите кои секогаш играат најдобро кога е најтешко, пред скоро 80.000 гледачи во студениот Киев славеа со 0:2 за три златни бода, а потоа ја згромија Грција во баражот со вкупен резултат 4:1.

***

Далиќ бил слаб како фудбалер и самиот признава: „Имав слаба техника, но затоа секогаш бев одговорен и спремен да се жртвувам за екипата“.

Во најголем дел од играчката кариера бил во Вартекс - скромен клуб со долга историја кој изнедри многу млади таленти а еднаш заврши и зад неприкосновените Динамо и Хајдук во првенството.

Недостатокот на талент Далиќ секогаш го компензирал со макотрпна работа. На пример многу учел за да стекне тренерска лиценца на една година пред завршување на кариерата. На 34 години станал асистент во Вартекс а потоа три години бил спортски директор во клубот.

Клучниот пресврт во кариерата му се случил во 2006 година: кога станал помошник на селекторот на младинската репрезентација до 21 година на Хрватска.

„Со многу дечки кои сега играат за А тимот, работев уште тогаш во младинската селекција. Тогаш играа Манџукиќ, Калиниќ, Вида, Врсаљко, Ловрен, Ракитиќ, Перишиќ“, изјави Златко минатата година.

Во 2010 година добил богат повик од Саудиска Арабија - малку познатиот клуб Ал Фејсали не бил редовен прволигаш и почесто бил во втора лига. Во тој момент Златко го славел Суперкупот на Албанија со Динамо Тирана а подоцна завршил четврти со Ријека во Хрватска.

„Размислував дека ми треба поголем предизвик. Иако зборуваа за интерес од Динамо Загреб и Хајдук, мене никој не ми се јави. Така ризикував и решив да запознаам нова култура. Тоа беше непознат свет за мене каде никого не знам и никого мене не ме знае. Живеев сам во пустина без семејството, без пријателите. Но сфатив дека ништо не можеш да добиеш во животот ако не си спремен да се бориш во секакви услови. Тоа беше како борба за живот, за семејството“, искрено раскажува Далиќ.

Во Саудиска Арабија Златко поминал четири години. Станал тренер и на познатиот Ал Хилал со кого завршил втор и дури го освоил Купот на принцот наследник.

„Првите две сезони беше тешко. Учев арапски, пробував да се навикнам на луѓето. Тие се помалку небрежни, немаат осет за време и кај нив се е некако бавно. Најчесто се повикуваат на Божјата волја и веруваат дека утрото ќе биде подобро. Таму станав помирен и потрпелив зошто сфатив дека нервозата не ми користи ни мене ниту на екипата.

Во 2014 година Далиќ преминал во Обединети Арапски Емирати:

„Таму поминав уште три прекрасни години. Во Емиратите луѓето се поотворени и послободни отколку во Саудиска Арабија. Ние станавме шампиони, ја освоивме титулата и игравме во финалето на азиската Лига на шампиони. Но после седум години на Блискиот Исток сфатив дека е време да заминам. Животот ми течеше без децата кои растеа а јас стареев. Дојде време да си одам дома, парите останаа во втор план“, искрено признава Далиќ.

Во летото 2017-та Далиќ отишол на одмор на прекрасниот остров Паг во Јадранското море.

„Три и пол месеци се насладувавме на морето и на сонцето. Секој ден муабетев со едноставните локални мештани. Секое утро пиев кафе на плажа. Доаѓаа пријатели, организиравме вечери и пијанки. Сето тоа многу ме опушти, имав прав одмор“, раскажува селекторот на Хрватска.

***

Со својата жена се запознал уште на факултет. Нивниот постар син пишува музика и настапува во ноќни клубови, а помладиот студира менаџмент. „Жена ми ја напушти работата и се посвети на децата. Со голем труд го направи нашето семејство среќно“.

Пред крајот на летото му ѕвонеле клубови од Иран, Египет, Саудиска Арабија и ОАЕ и во секој момент требал да го прифати договорот со Ал Џазеира која играше против Реал Мадрид во полуфинале на Светското клупско првенство. Но семејството го убедило да остане за да живеат поблиску едни до други.

Најблиските како да чуствувале што ќе следува: после еден месец му се јавиле од хрватската федерацијата по отказот на Анте Чачиќ.

„Пласманот на Светско е заслуга на играчите. Имавме малку време за тренинзи и подготовки така што се посветив на комуникација и мотивација и средби со играчите. Направивме неколку тактички измени но главно играчите сфатија дека ова им е последна шанса да одат на најголемиот турнир на светот.

Не сите тренери имаат таков пристап но мојот стил е да ги поддржувам играчите во целост, многу да зборувам со нив и да им пмагам. За мене довербата е најважна (од репрезентацијата Далиќ пред неколку дена го отстрани Никола Калиниќ кој арогантно не сакал да влезе од клупата на мечот против Нигерија). Главен фактор на нашиот успех во клучниот момент од квалификациите беше да бидеме единствени. Тие се класа, просто им треба само малку за да тргнат во права насока“, изјави Далиќ пред почетокот на Мундијалот.

Далиќ смета дека Светското е важно за Хрватска не само како фудбалски турнир. „Во 1998 година светот ја запозна Хрватска. Благодарение на историските победи над Германија и Холандија, головите на Шукер и третото место, сите дознаа за Хрватска и ја запамтија нашата црвено-бела шаховница. Мундијалот ни дава шанса да веруваме во себе“.

Можеби сега за Хрватска се слушна уште подалеку откако ја разнесе Аргентина.