Исповед на Исмаил Морина

Албанското знаме за дронот во Белград ми го даде дечко од Скопје

Во екслузивно интервју за албанскиот Дигиталб, Исмаил Морина раскажува како му паднало на памет да активира дрон на дуелот Србија - Албанија во Белград и колку време се спремал за такво нешто.

Неколку дена по прекинатиот натпревар од квалификациите за ЕП 2016 меѓу Србија и Албанија, повикуваќји се на безбедносните служби, српските медиуми го означија Исмаил Морина за главен актер на инцидентот со дронот.
 
Албанецот во меѓувреме се фалеше на социјалните мрежи дека токму тој го пуштил дронот и направил општ метеж. Три дена по одлуката на Меѓународниот суд за спортска арбитража во Лозана, според која на Албанија ѝ се додели службена победа од 3:0, албанските медиуми го објавија интервјуто со Исмаил Морина.
 
Албанецот вели дека идејата за активирање на дронот истекнала во Италија, поточно во Фиренца каде што живеел лани.
„Веднаш откако на ждрепката се одлучи дека Албанија ќе игра против Србија, после една партија фудбал со другарите се роди идеата за пуштање дрон. Еден пријател Италијанец ни предложи мини хеликоптер и на него да закачиме порака, што веднаш прифатив. Размислувавме какво знаме да носи дронот. Имавме две верзии, орел или орел со Скендербег, а јас се одлучив за втората. Потоа долго време размислувавме и каква порака да напишеме. Прво мислевме да напишеме нешто на италијански, но подоцна на интернет баравме некој збор која се пишува слично и на англиски и на мајчин јазик, по што го одбравме зборот „Автохтон“, вели Морина а пренесува косовскиот портал Бота Прес.

Морина потоа во интервјуто објаснува и колку време се подготвувал за акцијата и дека дошол во Белград да го види теренот.
„Ја искористив посетата на Албанија минатото лето да дојдам во Србија. Бев сигурен дека мечот ќе се игра на стадионот на Црвена звезда и на 26. јули минатата година го снимив стадионот и сè неопходно околу него. Попат отидов и до стадионот на Партизан, но не детално. Дури подоцна дознав дека таму ќе играме. Се послужив со Гугл Мапс и најдов три, четири поволни локации кои беа на 50 до 70 метри од стадионот од каде што беше можно да се пушти дронот. Цело време соработував со еден дечко од Скопје којшто го донесе знамето“, додава Морина.

Новинарите се шокирале кога Морина им раскажал дека дури 17 часа бил скриен на тајна локација и го чекал моментот да го активира дронот.
„Претходно 12 часа патував за да ја изведам акцијата. Првичната идеја беше да го спуштиме дронот за време на интонирање на химните. Сè беше средено како треба, дронот стигна, каблите беа поврзани, но во моментот кога излегов од тајната локација и сакав да го пуштам некој помина покрај мене и се повлеков во последен момент. Мислев дека сум откриен. Одлучив да се скријам уште малку и да го пуштам пред крајот на првото полувреме. Прво го пуштив да направи мал круг во воздухот околу стадионот, а потоа го пуштив да одлета над трибините. Мислев дека албанските играчи се во црвени дресови и затоа го спуштив дронот пониско кон нив, а потоа сфатив дека сум направил грешка со бојата на дресовите“, констатира Морина, кој веќе е омилен лик меѓу албанската популација.

Морина го напуштил местото веднаш откако го спуштил дронот и заминал од Србија.
„Ме чекаше кола и веднаш тргнавме на автопат. Размислував како ќе ја прејдеме границата и бев исплашен. Мислев ако нè сопре полиција, веднаш да стиснеме гас и да бегаме, но за среќа сè мина без проблеми“, додава Морина.
Албанецот изјави дека животот му се сменил после 14. октомври минатата година и тоа на полошо, затоа што сега живее изолирано во Албанија, далеку од јавноста. Со семејството го прекинал секој контакт, а ретко се гледал и со девојка му.
 
14 јули 2015 - 15:53