Аѕурите се плашат од местенка

Пред одигрувањето на последното коло во во Ц групата на Европското првенство во Полска и Украина на италијанските репрезентативци се уште им е во сеќавање мечот од Евро 2004 кога, Данска и Шведска одиграа 2:2, резултат кој им беше доволен на двете селекции да заминат во вториот круг, а тие да се вратат дома. Аѕурите стравуваат дека истото сценарио може да се повтори и на мечот меѓу Шпанија и Хрватска.

"Ќе биде многу смешно ако натпреварот во последното коло заврши 2:2. Тоа е резултат, кој нам воопшто не ни одговара бидејќи ќе бидеме елиминирани, а Шпанија и Хрватска патуваат во следната фаза", изјави голманот на Италијанската репрезентација, Џанлуиџи Буфон.

Свесен за ситуацијата на табелата, шпанскиот селектор, Висенте дел Боске веднаш по завршувањето на средбата со Република Ирска потенцираше дека не го интересираат никакви комбинации и дека неговата репрезентација оди на победа бидејќи само на тој начин се гарантира местото меѓу осумте најдобри.

Италија во првите два настапи освои по еден бод. Аѕурите водеа со 1:0 и на двата дуели, но сепак до крајот на мечот, Буфон беше принуден да ја вади топката од својата мрежа.

Доколку Шпанија ја совлада Хрватска (која има четири бода), а Италија слави против Република Ирска тогаш тимот на Чезаре Прандели оди понатаму, единствено што не им одговара на Аѕурите е реми со резултат од 2:2 или повеќе голови.

15 јуни 2012 - 12:19