Каква беше реакцијата на тамошната јавност и раководството на Динамо Загреб, по твојата конечна одлука да заиграш за Македонија?
Аријан Адеми: Да бидам искрен, ниту во еден момент не ми беше лесно, затоа што веќе играв за хрватската репрезентација под 17, 19 и 21 година, а како што знаете имам и три настапи за сениорскиот состав. Играв на пријателските средби против Јужна Кореа и Португалија. Во оваа прилика, како и во сите претходни не би го коментирал изборот на хрватскиот селектор.
Колку си запознаен со македонскиот фудбал воопшто, со оглед на тоа што во досегашниот тек на кариерата си играл само во Хрватска?
А.А: Следам се што ќе се објави во медиумите и знам дека Вардар и Шкендија располагаат со добар играчки кадар. Пријатно ме изненади новата функција на Гоце Седлоски, кој како спортски директор во Вардар ќе знае да го пренесе своето фудбалско знаење. Знам дека Бојан Вручина (хрватски интернационалец) игра во Шкендија, а екипата редовно е во врвот на табелата. Во Хрватска повеќе се пратат случувањата од западно-европскиот фудбал, а помалку она што се случува на Балканот.
Се познаваш ли со некој од нашите репрезентативци и дали со некој посебно се дружиш?
А.А: Агим ми е прв братучед и со него сум редовно на линија, а се среќаваме кога имаме слободно време. Тој има обврски со Марибор, јас со Динамо и ја користиме секоја прилика за дружба. Од поодамна се познавам и со Цуцули, кој прв ме запозна со другите репрезентативци. Во глобала атмосферата во селекцијата е добра и се надевам дека после Луксембург ќе биде уште подобра.
Веќе одработи два тренинга со селекторот Бошко Ѓуровски. Дали и тој е строг како Зоран Мамиќ во Динамо Загреб?
А.А: Строг е. Се гледа дека има искуство и во работата со помладите и со повозрасните играчи. Држи до своето, авторитативен е и сака да ги спроведеме во дело сите негови идеи. Не залудно бил тренер во различни земји.
Како реагираше Мамиќ кога му кажа дека си решен да играш за Македонија?
А.А: Не својствено за него, два пати ме праша дали сум сигурен. Кога виде дека мојата одлука е конечна, ја сврте темата и зборувавме за сосема други работи.
Дали знае да ви свика на вас играчите, исто како по прес-конференциите?
А.А: Па како и секој газда, така и тој после 2-3 слаби резултати знае да се извика на нас. Понекогаш се симнува во соблекувалните и знае бурно да реагира, повторувам после некој слаб резултат. Toa e сосема нормално.
Ти, Муарем и Бесарт Абдурахими сте единствени репрезентативци кои играте во Лигата на Европа. Динамо Загреб има една победа и еден пораз, можете ли до следната фаза?
А.А: Ако ми верувате, сон ми е со Динамо да ја пречекам европската пролет. Тоа е голем предизвик и убеден сум дека имаме квалитет да се пласираме во следната фаза.
Минатото коло гостуваше на Хемпден парк во Глазгов, против Селтик. Какво е чувството да се игра пред 60.000 гледачи кој пеат во еден глас?
А.А: Еве и сега се ежам кога ќе помислам. Доживувањето е единствено и би сакал пак да заиграм на тој терен. Преполн стадион, зелено-бели шалови и знамиња на сите страни. Единствено ми е жал што не искористивме ниту една од многуте шанси, а примивме наивен гол и загубивме.
Каде се гледаш себеси во иднина, има ли некоја лига што посебно те привлекува?
А.А: Германската Бундес лига би била идеална за мене. Кога веќе се откривам, да кажам дека еден ден би сакал да заиграм во Вердер Бремен.
Има ли шанси Македонија, во група со Шпанија, Украина, Словачка, Белорусија и Луксембург да обезбеди пласман на ЕП 2016, особено сега кога и третиот игра бараж?
А.А: Секако дека има. Да нема, не би се ни собирале сега овде. Шпанија е фаворит број еден и тоа не е спорно, но мислам дека пред нашите навивачи ќе можеме да се носиме со секој противник. Навикнат сум да играм пред празен стадион, поради бојкотот на навивачите на Динамо Загреб и знам колку е тешко кога немаш некој да те крене кога не ти оди.
Во однос на бојкотот, како се справува Здравко Мамиќ со Бед Блу Бојс и дали има некакви средби на релација управа - навивачи?
А.А: Нема никакви разговори и никаква иницијатива. Пред извесно време Бојси одлучија да го следат клубот за мал фудбал и ние играчите немаме никаков проблем со тоа. Пријателски се настроени кон нас, ни приоѓаат на улица, разговараме и имаме сосема коректен однос. Нивната одлука за бојкот и понатаму е на сила, а што ќе биде понатаму, тоа не знам.
Дали често доаѓаш во Скопје и колку знаеш за него?
А.А: Во последно време патот повеќе ме водеше во Тетово каде имам роднини, а Скопје не го знам баш најдобро. Верувам дека сега како нов репрезентативец ќе имам повеќе прилики да се запознаам со Скопје, а веќе забележувам дека има сличности со Загреб.