Квалификацискиот натпревар за ЕП 1980 меѓу Југославија и Романија 2:1 и двата пријателски меча на Косово против Хаити и Турција 0:0 и 1:6 се единствените три меѓународни натпревари кои се одиграни на олимпискиот стадион Адем Јашари во Митровица.
Информација кое можеби не сте ја знаеле, а која најмногу ќе му биде корисна на коментаторот на албанската ТВ Дигитабл кој според новинарските кодекси денеска треба да добие отказ на работа.
Во ситуација кога единствениот македонски претставник на европските натпреварувања гази и е пред историски пласман во плеј-офот во Лига Европа, последна пречка пред пласман во групна фаза, овој коментатор го наруши спортскиот амбиент.
Наместо да читаме наслови за Шкендија какви што лани имаше за Работнички кој го урна Трабзон и се избори за долго европско лето, сега читаме и се нервираме само поради провокативниот настап на национална основа на еден човек, кој за овој потег треба да добие и забрана за пристап во стадионите во Македонија.
Тој е последен кој има право по своја или можеби туѓа желба да преименува стадиони кога оди да коментира во странска држава.
Олимпискиот стадион Адем Јашари е изграден во 1938 година, а во 2014-та е реновиран со помош на инвестиција вредна 740 илјади евра, со цел да исполнува норми за официјалните меѓународни натпревари. Неколку дена по реновирањето, селекцијата на Косово ги пречека Хаити и Турција на пријателски натпревари кои беа одиграни во март 2014-та.
На овој стадион настапува фудбалскиот клуб Трепча кој е дел од првата фудбалска лига во Косово. По војната во Косово, албанските играчи го напуштија српскиот клуб ФК Трепча и одлучија во 1999 година година да формираат нов. Албанскиот клуб го доби името КФ Трепча, а српскиот ФК Трепча стана дел од српските фудбалски лиги.
Најголемиот стадион во Косово кој има капацитет од 18.200 седишта, според косовското население се вика Адем Јашари, додека неалбанското население се уште го користи името Трепча.
Олимпискиот стадион во Митровица е наречен Адем Јашари по името на основачот на УЧК кој загина во 1998 година. Непотребната провокација на албанскиот коментатор ја објавија и медиумите во регионот.
Ниту една македонска институција за сега не се огласи за скандалот, а најмалку тоа се очекува да го направи ФК Шкендија која коментаторот си го смета за “12-ти играч“.
Арена Адем Јашари се слуша на 1:07 на видеото