На скаутите и тренерите им се олесни работата. Сега секој може да предвиди дали некој млад играч ќе стане врвен фудбалер во иднина и тоа преку проучување на начинот на кој тој контролира висока топка. Барем така тврди еден германски доктор кој е експерт за координација и работи како советник во Борусија Дортмунд и со фудбалерите од репрезентацијата на Германија.
Според него, на врвните фудбалери им се потребни само 10 сантиметри простор околу нив за да исконтролираат висока топка. За разлика од нив, на просечните фудбалери им треба барем еден метар околу нив за да исконтролираат такво проигрување.
Другиот начин на кој може да се оцени еден играч е според времето кое му е потребно за да исконтролира висока топка. На добрите фудбалери им е потребна само една секунда, а на просечен фудбалер му се потребни три секунди за да исконтролира топка која тапка.
90 сантиметри и две секунди - тоа е разликата помеѓу врвен и полупрофесионален фудбалер.
Во модерниот фудбал тоа е огромна разлика затоа што фудбалерите многу ретко имаат допир со топка. За 90 минути, просечен фудбалер има посед на топка околу 55 секунди. Со топка во нозе трча вкупно околу 200 метри. Во просек на еден посед тој топката кај него ја има само по 1,1 секунда.
Ако му требаат три секунди за да продолжи со игра, тогаш ќе ја уништи акцијата. Ако му треба едно метро за да ја смири топката тогаш противнички играч може да му ја одземе.
Фудбалот е игра на мали разлики. Разликата помеѓу играч кој вреди 10 евра и играч со цена од 10 милиони евра е во само неколку сантиметри и милисекунди.