Во денешно време луѓето кои ја имаат власта се расфрлаат со гасификација, споменици, катни гаражи... а во некои поинакви времиња приоритет бил и фудбалот. На ова поле највеќе се истакнувал романскиот крал Карол II.
На првиот ден откако тој седнал на тронот, си поставил една цел - да ја одведе Романија на следното Светско првенство.
Но проблемот бил што тој станал крал на само 35 дена пред првото Светско првенство кое се одигра во Уругвај во 1930-та година.
Секако тоа не било проблем за лудиот по фудбал крал Карол II. Тој лично интервенирал во ФИФА и добил дозвола за настап на неговата репрезентација.
Кралот лично ја направил селекцијата на фудбалери, а дури и му се заканил дека ќе му ја затвори компанијата на еден газда кој не им дал дозвола на неколку играчи да земат подолго отсуство од работа заради Светското првенство.
На 21 јуни 1930-та година, Романците се качиле на брод во Џенова, а подоцна на истиот брод им се приклучила и француската репрезентација и тогашниот претседател на ФИФА кој во својот куфер го носел пехарот.
Фудбалерите тренирале на една од палубите за време на долгиот пат кој траел 16 денови, а на тренинзите редовен бил и самиот крал Карол II.
Репрезентацијата на Романија се падна во групата 3 заедно со домаќинот Уругвај и со Перу. На првиот натпревар Романија го победи Перу со 3:1, но потоа загуби од домаќинот и репрезентацијата која подоцна стана Светски шампион со 4:0 и го заврши настапот затоа што во следната фаза продолжи само првопласираниот.
Самиот настап на Светското првенство имало огромно влијание за популаризацијата на фудбалот во Романија, а репрезентацијата се квалификуваше и на следните два Мундијали.
Кралот Карол II го напушти престолот во 1940-та година но тој засекогаш ќе остане запишан во аналите на романскиот фудбал како инспирација за љубовта на Романците кон овој спорт. Романскиот крал Карол II починал 13 години подоцна - пред точно 60 години.