Со натпреварот помеѓу Лацио и Наполи вечерва ќе се заокружи 14 коло во Серија А, а стратегот на Наполи, Рафа Бенитез се уште се двоуми дали во првиот состав да му даде шанса на Пандев или на помладиот напаѓач Инсиње.
Како и да е, вечерва на стадионот Олимпико во Рим очекуваме настап на нашиот Пандев со што би ја заокружил одличната бројка од 300 настапи во Серија А и тоа токму против екипата каде настапуваше најдолго време.
Пандев кариерата во Италија ја почна во 2001 година во тимот на Интер, каде немаше настап во Серија А. Деби мечот во првата лига му се случи во дресот на Анкона на средбата против Сиена одиграна на 2 ноември 2003 година.
Потоа пет сезони беше член на Лацио каде на 159 натпревари постигна 48 гола во Серија А, а со вкупно 64 погодоци на сите натпреварувања тој стана седмиот најдобар стрелец во историјата на клубот од Рим.
За Интер одигра 46 натпревари и постигната пет гола, а во неговата трета сезона во Наполи до сега одбележа 74 настапи на кои постигна 15 голови во Серија А.