30-годишен тренер е хит во Франција, почнал со видео игри, ги скроти Меси, Мбапе и Нејмар

Фудбалскиот клуб Ремс од Франција веќе 13 меча не знае за пораз и тоа е една од најдолгите непобедливи серии во Топ5 лигите во Европа сезонава. Клуч за успехот е младиот и анонимен тренер кој се учел преку неверојатната видео игра Football Manager.

Најмладите тренери во последните неколку сезони доаѓаа од германската Бундеслига, а пример за 30 и нешто годишни менаџери имавме и во Англија.

Сега хит е Вилилијам Вил Стил, тренерот на францускиот прволигаш Ремс - со 30 години е најмлад стратег во Топ5 лигите во моментов.

„Тоа што ти го правиш е навистина неверојатно“, му рекол судијата на мечот Ремс - Рен (3:1), Ахмед Бен Ел Хаџ.

Таа средба против силниот Рен станала 7-ма за Стил без пораз откако во октомври 2022-ра година седнал на клупата на симпатичниот клуб Рем.

А тогаш во октомври лани екипата дремела на 17-то место на табела во Лига 1, во зоната на испаѓање после само 9 одиграни кола, па управата решила да му врачи отказ на тренерот Оскар Гарсија.

За привремено решени, како в.д. тренер бил поставен неговиот помошник, асистент, младиот и непознат Вил Стил.

Така Стил станал најмлад тренер во француската Лига1 уште од 2004-та година и најмлад во Европа во моментов.

Од денот кога седнал на клупата па до денес 31-ви јануари, Рем не знае за пораз. Цели 13 натпревари во Лига 1 и францускиот Куп. Рем за кратко стигнал до 11-то место, избегал на 10 бода од опасната зона која води во втора лига, а изминатиов викенд му извадија бод (1:1) на големиот и силен ПСЖ со Мбапе-Меси-Нејмар во нападот.

ВИЛ СТИЛ СЕ УЧЕЛ НА FOOTBALL MANAGER, ИГРАЛ ВИДЕО ИГРА СО СААТИ

Секој оној што некогаш ја играл оваа игра, може јавно да сведочи дека „ствара зависност“, дека не постои некој што не ја играл деноноќно и манијакално. Просто најдобра видео игра некогаш направена (особено култниот и легендарен Championship Manager).

Во оваа игра ти си тренер на екипа и се соочуваш со сите (буквално со сите) предизвици, од тренер до трансфери, однос со управа, прес-конференции, новинари и се што го опкружува фудбалот.

Во интервју за The Coaches Voice, најголемиот хит во Топ5 лигите во Европа раскажал за страста кон оваа видео игра.

„Биваше да седнам вечер, се ближеше 22:00 часот и да помислам: „Не, дефинитивно, крај, играм уште еден меч и легнувам во кревет“. А потоа се вртиш и гледаш на часовникот 4:00. Ај уште една само.

FM е моето најубаво сеќавање од младоста. Со брат ми немавме Плејстејшн, па бесконечно се тегневме на заеднички компјутер. Избор на екипа, засилување на составот, организација на тренинзи, долгорочни стратегии - го сакав секој детал. Кога почнав со работа (во реален живот) во Сент Трујден, паралелно ја водев екипата и на FM. Дури пробував и да ги побарам истите играчи од реалноста во играта.

Што повеќе работев во реалниот живот, толку помалку време посветував на FM. Во Ремс веќе престанав скроз да играм“, вели тренерот на францускиот прволигаш кој до таму стигнал по необичен пат.

„Јас долго време не сметав дека Football Manager влијае на мене како тренер во реалниот живот, но сега сфаќам дека и тоа како имало влијание. И сега со сигурност можам да кажам: играта дефинитивно е многу реална!“

Стил признава дека најчесто играл со Вест Хем, спремал нова екипа од почеток и ги освојувал сите можни трофеи. Љубовта кон „чеканите“ му ја пресадил татко му, па Стил се уште е голем навивач на клубот од Лондон. Тој велел дека нема конкретни големи цели во тренерската кариера, но дека сонот му е некогаш да работи во Вест Хем.

БИОГРАФИЈАТА НА СТИЛ Е ПРАВ ПРИМЕР ЗА КАРИЕРНА СКАЛА, ОД ТОТАЛЕН АНОНИМЕЦ ДО ЕДЕН ОД НАЈМЛАДИТЕ ТРЕНЕРИ НА ПРВ ТИМ ВО БЕЛГИЈА И ФРАНЦИЈА

Вилијам Вил Стил е етнички Англичанец, роден и израснат во Белгија каде родителите се преселиле пред неговото раѓање.

Тој на рана возраст пробувал да се пробие во некој познат клуб но немал поголем успех. Играл многу грубо, валкано, жестоко.

„На терен бев најгрозниот дркаџија на светот: нагазував на нозе, провоцирав со удари во грб. Мајка ми дури се срамеше да доаѓа да ме гледа“, раскажува Вил кој додава дека не успеал на професионално ниво поради тоа што бил многу спор. „Трчав 100 метри за 10 дена“.

За тренерска кариера Вил првпат помислил уште додека студирал и го пратила на една година на размена на студенти во англиски Престон.

Таму почнал да стажира во академијата на клубот Престон веднаш откако овој клуб испаднал од Чемпионшип во трета лига. Секако дека Стил бил многу далеку од првиот тим, ги тренирал малите деца. Но се вљубил во тренинг процесот и во Белгија се вратил со желба што побрзо да почне да работи и да учи повеќе за тренер. 

Во јули 2011-та почнал да стажира во детскиот тим на Престон во трета лига. Таму останал до јуни 2012 кога се враќа во Белгија. 

На адресата на десетина професионални белгиски клубови праќа исто прашање: „Здраво, јас сум млад дечко, со мало искуство на работа во Престон и универзитетска диплома. Можам ли некако да ви бидам од корист?“

Прв му одговорил Сент Трујден, второлигаш во Белгија. Интересно токму во овој клуб Стил како мал пробувал да стане фудбалер, стапнувал други деца и намерно удирал зад грб.

Тренерот Јаник Ферера со кого Стил работел во академијата на Сент Трујден му барал да оди да ги гледа натпреварите на секој следен ривал, да ја снима играта, да запишува детали, да снима видео, да напише отчет.

Стил не се ни сеќавал колку пати ги прегледувал натпреварите. Ги повторувал по многу пати за да фати некој детал. Ферера бил восхитен од обемот и квалитетот на материјалот. Вил набрзо станал главен видеоаналитичар на првиот тим на Сент Трујден. Постепено тренерот Јаник Ферера го воведувал Вил на тренинг сесии, барал од него да запишува детали во тефтерот, да ги набљудува тренинзите и да ги води акциите со пасови.

Подоцна кога Ферера добил понуда да работи во Стандард Лиеж, со себе го повлекол и младиот Вил Стил кој му станал десна рака. Но резултатите во Лиеж не биле на висина на задачата, па Ферера добил отказ, а Стил продолжил во клубот Лирс каде паралелно работел видеоаналитика и скаутинг.

Стигнал до позиција помошник тренер и во 2017-та добил животна прилика, за првпат самостојно да го води првиот тим на Лирс. Генералниот директор на клубот Роел Рајмен бил воодушевен од идеите на Вил кој првин бил скептичен и плашлив за работата, но директорот го убедил.

На 24 години станал најмлад тренер во историјата на белгиската втора лига. Статистика: 7 победи и 2 нерешени. После 56 дена одново морал да се спушти до позиција помошник зошто без лиценца А категорија од УЕФА не може да се води екипа повеќе од 60 меча.

Кога во сезоната 2017/2018 Лирс објавил банкрот, Вил Стил преминал во Берсхот, исто во втора лига. Таму цели 2,5 години работел како помошен тренер и има големи заслуги за првиот пласман на овој клуб во прва лига во историјата.

Во средината на сезоната 2020/2021 главниот тренер Ернан Лосадо заминал во МЛС а Берсхот кој во тој момент бил на 6. место на табела во прва лига го назначил 28-годишниот Стил за прв тренер.

Берсхот во таа сезона завршил 9-ти на табела, после што му понудиле на Стил да му биде помошник на нов тренер но тој сметал дека тоа е чекор назад во кариерата и заминал. Клубот следната сезона испаднал од лига како последен на табела.

Работата на Вилијам Стил не поминала неприметено од соседните земји, па тој добил понуда од симпатичниот француски клуб Ремс. Директно спортскиот директор на клубот му се јавил и му раскажал дека одамна ја следат неговата работа и дека доаѓале често да ги гледаат натпреварите на Берсхот.

Му објаснил и дека во клубот има добри специјалисти за тактика и видеоанализа но дека им треба човек како Вил кој може емотивно да ги инспирира играчите.

Стил прифатил. Одработил три месеци во клубот, а после се вратил во Белгија за да стекне А лиценца. Поработил како помошник во Стандард Лиеж до крајот на сезоната 2021/2022 па се вратил во Ремс. Во октомври 2022-ра главниот тренер Оскар Гарсија добил отказ, а управата му понудила на Вил Стил да го преземе првиот тим привремено на шест меча до почетокот на Светско првенство.

Вил Стил прифатил и со 30 години стана најмладиот тренер во француската Лига 1. И не само што прифатил туку и одлично ги одработел преостанатите натпревари. 

Од моментот кога седнал на клупата, до денес Вил Стил нема пораз на 13 меча како тренер на Ремс кој победува во првенство и во Купот на Франција.

Изминатиот викенд со гол во длабоко судиско продолжение Ремс извлече 1:1 на најтешкото гостување во земјата, кај ПСЖ за кого играа и Меси и Мбапе и Нејмар.

Ова беше најголемо достигнување во досегашната кариера на Вил Стил, човекот кој се учел на Фудбал Менаџер и кој сонува еден ден да го преземе Вест Хем. Сега за сега одлично му оди во Франција и стабилно го држи Рем на средина од табелата, што е главна цел на управата и навивачите.

31 јануари 2023 - 10:25