29 години од кунг-фу ударот на Ерик Кантона

Легендарниот француски фудбалер верувале или не во моментов тера активна и успешна пејачка кариера. За април веќе му се закажани концерти во Велика Британија и Република Ирска. Ќе настапува во Лондон, Манчестер, Лидс и Њукасл.

Но друг ни беше муабетот.

Денес се навршуваат 29 години од еден од најексцентричните напади во фудбалот кога на сред меч големата ѕвезда на Манчестер Јунајтед Ерик Кантона со кунг фу удар закачи еден навивач на Кристал Палас.

А Кантона, каков што бил ексентричен, на прес-конференција после скандалот, рекол: „Кога галебите следат рибарски брод тоа е зошто мислат дека сардините ќе бидат фрлени во море“.

Манчестер Јунајтед тогаш одиграл нерешено 1-1 со Палас а Кантона кој го удри навивачот кој го навредувал добил двонеделна затворска казна која подоцна била намалена на 120 часа општествено корисна работа. Но ФА не му прогледа низ прсти и го казни драконски со 9-месечна суспензија.

По сведочење на Ли Шарп, некогашниот фудбалер на Манчестер Јунајтед од тоа време (265 настапи), Сер Алекс Фергусон влегол бесен како рис во соблекувалната. Но бесен на другите играчи не на Кантона.

Ферги им урлал, ги навредувал, им викал дека баби трчаат подобро од нив а на Французинот само му рекол: „Ерик, сине, не можеш туку така да правиш такви работи“.

Ерик се врати подоцна на терен после девет месеци со гол и асистенција во ремито 2-2 со Ливерпул.

Во документарниот филм The United Way од 2022-ра, Кантона одбил да се извини за ударот. „Бев навредуван илјадници пати и никогаш не реагирав, но некогаш сме слаби. Жалам за едно нешто. Требаше да го удрам посилно. Ме казнија девет месеци. Сакаа од мене да дадат пример“.

Нешто од музичкиот репертоар на Кантона:

25 јануари 2024 - 14:10