И покрај неговото долго фудбалско патувањо на кое сè чека и официјално да каже дали летовото ќе му стави крај, далечното деби за македонската фудбалска репрезентација не смее да се заборави.
Тоа беше квалификациски меч за Мундијалот 2002 на стадионот Бурса Ататурк пред 18.000 гледачи. Судија, Италијанецот Пасквале Родомонти. Резултатот 3:3, со голема горчина што не победивме и покрај тоа што тоа беше силна Турција, која следната година заврши трета во свет.
Играа славни имиња како Хакан Шукур, Емре Белозоглу, Окан Бурук, Умит Давала...против Шаќири, Игор Митревски, Горан Ставревски, Жарко Серафимовски...
17 годишниот Пандев влезе како една од трите измени во второ полувреме, заедно со Ванчо Трајанов и Горан Лазаревски.
Велиме горчина за ремито, бидејќи имавме 0:2 по само 19 минути игра со головите на Шаќири и Серафимовски, а потоа и 3:2 со мајсторијата на Игор Николовски и плус два од трите гола на стоперот Алпај, мирисаа на офсајд.
Во тој квалификацискиот циклус како селектор прво почна Драган Канатларовски, а четири дена пред гостувањето во Бурса беше заменет со Ѓоре Јовановски.
Македонија заврши четврта со само една победа.
Сè останато за мајстор Горан Пандев е историја, а од неа ќе издвоиме: Рекордер со 138 настапи и 38 гола. Гол против Грузија во финале, вреден историски пласман на ЕП и гол против Австрија, прв за Македонија на големите натпреварувања.
Деби репрезентативниот гол го постигна против Малта на пријателски меч кој заврши 5:0 и кој се одигра на 21 август 2002.