Фудбалската асоцијација на Обединетите Арапски Емирати му изрече суспензија од 17 натпревари на голманот Мајед Насер. Тој исто така ќе треба да плати и казна од околу 8.000 долари за инцидентот по завршувањето на натпреварот против Ал Ахли.
Тимот на Ал Васл чиј тренер е Диего Армандо Марадона загуби со 1:0 од екипата на Ал Ахли, а по завршувањето на натпреварот голманот Насер од зад грб го удри поранешниот тренер на Атлетико Мадрид, Бенфика, Валенсија и Хетафе, Шпанецот Кике Санчез Флорес.
Диего Марадона се соочува со големи проблеми откако неговиот тим беше елиминиран од купот, а најверојатно ги загуби шансите за освојување и на титулата во лигата затоа што моментално Ал Васл се наоѓа на петтата позиција со 12 поени заостанување зад Ал Аин.