Најубавата слика е веројатно онаа на која пред мечот го ловат како со телефон ја снима атмсоферата на стадион. Франческо Камарда го става во рамка Сан Сиро, но како да се врамува себе си, затоа што стадионот е рамката, а тој е главниот лик на платното.
Потоа следуваат реки од емоции и прегратки. Трибините како хор пејат само за него.
„Што да кажам. Тоа беше нешто уникатно што никогаш нема да го заборавам. Навистина е точно дека од мал се заљубив во тебе, срцето ми чукаше, не ме прашувај зошто. Па денес знам зошто. Открив дека имам втор дом и најдобро е што сите се луѓе како мене. Ве сакам и ви благодарам“, изјави ден после радосниот ден.
Немаше право да настапи против Борусија, а нема да патува ниту во Англија
Тоа се впечатоците кои ги пренесе Франческо откако се разбуди и сфати дека тоа не било сон. Се заблагодари, се воздуби, но сепак нема многу време да се одмори. Календарот пристиска, следува нова втора возбуда, повторно во вториот дом.
Борусија Дортмунд мораше да ја прескокне, бидејќи правилата на УЕФА се јасни. Во Лига на шампиони може да игра само тој што наполнил 16 години и има потпишано професионален договор. За разлика од Италијанската фудбалска федерација, таму исклучок нема.
Настап во ЛШ немаше ниту во младинска конкуренција поради суспензија после фантастичниот гол со глава над ПСЖ.
Во лов на нов рекорд
Но секако оваа недела ќе биде интензивна за него. Ќе треба да се подготви за настап против Фрозиноне, кој за него ќе биде нова шанса за докажување.
Ситуацијата со нападот на Милан ќе биде иста како против Фиорентина. Жиру казнет, Окафор повреден. Во комбинација е само Јовиќ кој против Виолетовите уште еднаш покажа колку е несигурен во формата.
Ова значи дека за Камада треба да има солидна минутажа и можност да остави нов белег. Сценарија кои вклучуваат и место во стартна постава, но да не претеруваме, Пиоли не размислува на тоа.
Но можеби нешто повеќе од влез во 83-та минута ќе има. Откако стана најмлад дебитант во Серија А, Камарда може да стане и најмлад стрелец. Приматот е на Амедео Амадеи од Рома, кој дал гол на 15 години, 9 месеци и 13 дена во 1937-ма. Во сабота на Милан - Фрозиноне, Камарда ќе има 15 години, 8 месеци и 22 дена.
Мразот е скршен и ништо нема да биде исто како порано
Во меѓувреме, Франческо уживаше поради големото внимание, а неговите го однеле на тренинг со колачи.
Сега останува да работи цела недела со постарите и во сабота да се врати на Сан Сиро.
Тој останува играч на Примавера, но после дебито за прв тим ништо нема да биде како порано.