15 години од свинската глава кон Фиго на „Камп Ноу“

На 23. ноември 2002-ра се случи нешто невидено до тогаш во светот на фудбалот: не беше првпат Португалецот Фиго да се врати во Барселона во дрес на Реал Мадрид, но првпат го гаѓаа со свинска глава и што уште не.

За да се сфати што чуствуваат навивачите на Барселона за Луис Фиго, доволно е да се сетиме на зборовите на Жозе Мурињо, кој на времето додека беше тренер на Интер, го зема со себе некогашниот најдобар играч на светот, во тоа време оперативец на „Нероаѕурите“ - со себе на клупата на „Камп Ноу“.

„Специјалниот“ со блага насмевка изјави: „Ќе има 100.000 луѓе кои ќе ми урлаат ’португалски курвин сине’. Ако го земам Фиго со мене на клупа, 50.000 навивачи ќе го навредуваат него, а другите мене“.

Но Барса - Интер не беше ни од далеку споредлив пекол за она што се случуваше на денешен ден пред 15 години - „Ел Класико“ против Реал Мадрид.

Иако веќе поминаа три сезони од првото враќање на Луис Фиго по гламурозниот трансфер во Мадрид, тој секој нареден пат беше дочекуван „на нож“.

На 20. октомври 2000-та пукаа ушни тапанчиња од громогласните свирежи (тогаш шпанските медиуми објавуваа дека бучавата на „Камп Ноу“ вечерта достигнала децибели колку што произведува авион Боинг кога полетува). „Јуда за тебе беше верен“, „Лаком трговец“, „Предавнику“, „Замина како цар, а се враќаш како роб“ беа дел од паролите посветени на Луис Фиго.

Во сезоната 2002/2003 очигледно бесот уште не беше поминат, па за време на втората посета на Фиго во дрес на Реал Мадрид значеше и невидена омраза. Свирежи, навреди, урлања. Португалецот беше мета на многу предмети од трибините, а циркусот кулминираше во 69’ минута од мечот, кога по центаршутот на Раул Браво, во корнер исфрли Михаел Рајзигер.

Кон корнер знаменцето отиде Луис Фиго а таму го чекаа: пластични и стаклени шишиња, упаљачки, железни парички, мобилни телефони, една патика и на крајот свинска глава која падна веднаш до Португалецот. 10-та на Реал Мадрид не ја забележа главата но не успеа да изведе корнер зошто го гаѓаа со сè и сешто, па капитенот Пујол мораше да оди да ги смирува навивачите.

Судијата го прекина мечот на 15 минути, и само што се вратија играчите на терен, Фиго пак мораше да изведе корнер. На крај дуелот заврши 0-0 со малку шанси за гол но тоа „Ел Класико“ никој не го заборава. Сигурно Фиго го памети подобро од другите.

УЛОГАТА НА ФИГО ВО БАРСЕЛОНА

Со 249 меча, 45 гола, две титули во Ла Лига, два Копа дел Реј, еден Куп на Купови, еден Супер Куп на Шпанија и еден Супер Куп на Европа во пет години, Фиго беше апсолутен идол на каталонската публика.

Но во летото 2000-та беше актер на најгламурозниот трансфер во историјата на овие два гиганти: Флорентино Перез им вети на навивачите на Реал сензационална „бомба“ и тоа додека траеја договорите на Луис Фиго за продолжување на договорот со Барса. Но агентот на Португалецот се договорил со „Кралскиот клуб“ кој реши да ја активира откупната клаузула на Фиго тешка околу 140 милиони.

За драмата да биде поголема, Фиго дента пред да потпише договор со Реал Мадрид, во интервју за еден весник изјавил дека ќе биде верен на Барса до крај: „Единствен грев ми е што кажав дека нема да си одам“.

23 ноември 2017 - 14:41