
Има кадифени Џеликет, има Лабубу-животинки, обновена е популарноста на Покемон, Тамагочи и Барби - индустријата за играчки бележи огромен раст токму благодарение на возрасните купувачи. Експертите веќе имаат и термин за овој феномен: „kidults“ - возрасни кои купуваат играчки за себе.
Не е само до носталгија - психолози и аналитичари велат дека генерацијата З расте во време на постојана економска несигурност, пандемии, социјални мрежи, кризи и хроничен стрес, па во таква атмосфера, малите колекционерски предмети стануваат форма на утеха, контрола и бегство од секојдневниот притисок. Истражувачката Катрина Хељака од Универзитетот во Турку, која се занимава со културата на играчки и колекционерство, објаснува дека овие предмети функционираат истовремено како „луксуз што е достапен“ и како емотивна поддршка. За многу млади луѓе, играчките се визуелен начин на изразување на идентитетот, естетиката и припадноста кон одредена заедница.
Социјалните мрежи, нормално, имаат огромна улога во ширењето на трендот. ТикТок и Инстаграм се преплавени со видеа од млади луѓе кои ги покажуваат своите колекции, отвораат „blind boxes“ или ги уредуваат полиците со фигури и кадифени играчки. Хаштагот #plushies има милиони објави, а цели заедници се формираат околу размена, препродажба и лов на ретки модели.

Интересно е што голем дел од овие играчки намерно се дизајнирани да изгледаат чудно, „грдо-слатко“ или помалку совршено. Лабубу на пример, имаат насмевки што изгледаат истовремено симпатично и малку вознемирувачки. Според експертите, токму таа естетика одговара на генерација која живее во нестабилен свет и има поироничен однос кон совршенството и класичната убавина.
Покрај емоционалната вредност, постои и елемент на „лов“ - ограничените изданија, ретките модели и случајните пакувања создаваат чувство на возбуда слично на собирањето Beanie Babies во '90-тите. Социјалните мрежи дополнително ја засилуваат желбата за поседување на „следната ретка работа“, а некои фигури достигнуваат огромни цени на препродажба.
Сепак, за многу припадници на генерацијата З, собирањето играчки нема врска со инвестиција или препродажба. Повеќе им е начин да се создаде мал простор на радост во свет што често изгледа преоптоварувачки, особено во време кога купување стан или финансиска стабилност им изгледаат далечни и недостижни. Вака, имаат мали „частења“ - играчките им стануваат форма на личен комфор. Психолозите велат дека носталгијата може да има и терапевтски ефект, поточно, враќањето кон предмети што потсетуваат на детството често создава чувство на сигурност и емоционална стабилност.
Истовремено, трендот покажува и нешто пошироко: менување на идејата за тоа што значи „возрасен“ - за претходните генерации зрелоста често подразбираше откажување од детските интереси, но денешните млади, пак, сè помалку чувствуваат потреба да ги кријат своите хобија за да изгледаат „сериозно“.