Лабубу: Како едно грдо кукличе стана глобален феномен?

Без разлика дали ви се симпатични, грди или само чудни, веројатно веќе имате слушнато за влакнестите кукли што уште од фрижидер не излегле.

Прво го викаат чудовиште, а сега ова суштество што личи на нешто шумско, ама од друга планета, од кинескиот производител на играчки Pop Mart е вирален хит. Има и листа на славни обожаватели: Ријана, Дуа Липа, Ким Кардашијан и Лиса од Блекпинк. И обичен народ се опседнува: од Шангај до Лондон, редиците за да се купи куклата завршуваат и со физички пресметки. По ТикТок врескаат и плачат, среќно или фрустрирано, зависи какво ќе им се падне.

Фасцинацијата на светот со Лабубу речиси тројно го зголеми профитот на Поп Март во изминатата година, а според некои, дури и ја зајакна кинеската „мека моќ“, која беше разнишана од пандемијата и тензичните односи со Западот.

Како стигнавме до тука и што точно е Лабубу?
Прашање што сè уште збунува, а дури и оние што знаат, не се сигурни дека можат да ја објаснат опседнатоста.

Лабубу е и фиктивен лик и бренд. Самото име не значи ништо. Тоа е името на лик од серијата играчки „The Monsters“, создадена од уметникот Кејсинг Лунг, роден во Хонг Конг. Винилни лица се прикачени на плишани тела и имаат препознатлив изглед - остри уши, големи очи и лукава насмевка со точно девет заби. Интернетот е збунет и поделен - не може да се одлучи дали се преслатки или бизарни.

Според официјалната веб-страница на продавницата, Лабубу е „добронамерен и секогаш сака да помогне, но често случајно постигнува спротивното“. Таман да не можеш очи да склопиш навечер ако ти е на наткасна.

Куклите Лабубу се имаат во повеќе серии од „The Monsters“, како „Big into Energy“, „Have a Seat“, „Exciting Macaron“ и „Fall in Wild“, ако некој го интересира да истражува подлабоко.

За неискусно око, некои од овие кукли се тешки за разликување. Но познавачите знаат, а славата на Лабубу се има прелеано и врз другите ликови од семејството, кои исто така се распродаваат брзо.

Кој продава Лабубу?
Голем дел од продажбата на Поп Март долги години се базира на едни „кутии на слепо“, на принцип на Киндер-јајце. Во 2019 година компанијата склучи договор со Кејсинг Лунг за правата на Лабубу - речиси една деценија откако претприемачот Ванг Нинг ја отворил Поп Март како продавница со разновиден асортиман во Пекинг.

Откако кутивчињата со изненадување стануваат успех, Поп Март ја лансира првата серија во 2016 година, со куклите Моли (личат на деца) создадени од хонгконшкиот уметник Кени Вонг.

Сепак, токму Лабубу го забрзува растот на Поп Март, и во декември 2020 компанијата започна со тргување на берза во Хонг Конг. Од тогаш, вредноста на акциите се зголеми за повеќе од 500%.

Кинеските царински власти оваа недела соопштија дека заплениле повеќе од 70.000 лажни кукли Лабубу. Сепак, побарувачката не се појавува преку ноќ - за да стане мејнстрим, на Лабубу му требаа неколку години. Пред светот да ги открие, Лабубу биле познати главно во Кина, а хит стануваат после пандемијата.

Кинескиот интернет е огромен и конкурентен, и често произведува вирални трендови што не се прелеваат глобално, но повремено се случува вака некој да прелета. Популарноста на Лабубу експлодираше во април 2024 година, кога тајландската К-поп ѕвезда Лиса почна да објавува фотографии со куклите на Инстаграм, а неколку селебритис подоцна, трендот станува глобален феномен. Во февруари, Ријана ја сликаа со кукла Лабубу закачена на Луи Вистон торба. Во април, Ким Кардашијан ја сподели својата колекција од 10 Лабубу кукли. Во мај, Дејвид Бекам објави фотографија со Лабубу што му го подарила ќерка му.

Што стои зад опсесијата со Лабубу?
Не се знае. Како и кај повеќето вирални трендови, привлечноста е тешко објаснива - комбинација од тајминг, вкус и интернет случајност.

Некои аналитичари се изненадени што кинески компании - од производители на електрични возила до развивачи на вештачка интелигенција - се толку успешни, и покрај загриженоста на Западот за амбициите на Пекинг.

BYD, DeepSeek, сите тие компании имаат една заедничка карактеристика, како и Лабубу,“ вели Крис Переира, директор на консултантската фирма iMpact за Бибиси Њуз. „Толку се добри, што никој не се грижи што се од Кина. Едноставно не можеш да ги игнорираш.“

Во меѓувреме, Лабубу продолжуваат да собираат милиони луѓе што гледаат видеа каде што новите сопственици ги распакуваат куклите. Едно од најгледаните видеа, објавено во декември, покажува американски службеници на аеродром како се собираат околу неотворена кутија со Лабубу, обидувајќи се да погодат која кукла е внатре.

Токму тој елемент на изненадување е дел од магијата, вели Дезмонд Тан, долгогодишен колекционер, додека шета низ продавница на Поп Март во Сингапур и енергично ги тресе кутиите пред да избере. Ова е честа сцена во продавниците. Дезмонд собира „chaser“ ликови - специјални изданија од разни серии на Поп Март, вклучувајќи и Лабубу. Вели дека на секои 10 купени кутии, наоѓа по еден „chaser“. Добар процент, според него, со оглед на тоа што просечната веројатност е една на 100.

„Да успеам да го најдам chaser-от само со тресење, да научам да ја почувствувам разликата...,“ вели тој, „...е многу задоволувачко. Ако успеам од првиот или вториот обид, пресреќен сум.“

Изгледа нема задоволителен одговор околу тоа зошто е Лабубу глобален феномен. И најверојатно ќе треба да почекаме да им помине. 

31 јули 2025 - 11:50