Жената што го обвини Х.Г. Велс за плагијат

Не е докажано дека крадел од неа, ама аргументите ич не се за фрлање.

Флоренс Дикс била писателка и наставничка од Канада. Позната е, за жал, не по своите дела туку баш поради тужбата против Х. Г. Велс, кого го обвинила дека ја копирал во неговото дело, „Скица на историјата“ (The Outline of History). Според неа, Велс „собрал“ од нејзината нефикција, Web of the World's Romance.

Најочигледните докази за ова лежат во фактот што Велс кога правел грешки, ги правел истите што ги правела таа. И двајцата го спелувале „Хатшепсут“ како „Хатасу“ - анахронистичко пишување што било невообичаено во 20-от век. И двајцата тврделе дека Феникијците тргувале на копно, а не на море и двајцата погрешно го опишале римскиот генерал Сула како „аристократски“. Плус, и двете книги, и „оригиналот“ и „копијата“ го пропуштаат Адам Смит и голем дел од историјата на Индија.

Дикс го тужела Велс за нарушување на авторските права, но не само што изгубила на суд, туку и судијата ја понижил јавно.

Инаку, делото настанува кога Дикс решава да напише историја на светот што ги истакнува придонесите на жените. Целта ѝ била да ја демонстрира важноста на жените како Лукреција де Медичи, Елизабета I, и Маргарет, мајката на Мартин Лутер. Четири години истражувала и пишувала, со поддршка од мајка ѝ, сестра ѝ и брат ѝ. Ракописот бил готов во февруари 1918 и го пратила на издавач во Канада, притоа прашувајќи дали смее да користи извадоци од „Кратка историја на англискиот народ“. Од издавачката куќа ѝ го вратиле ракописот, одбиен, но очигледно темелно разлистан, со свиткани агли од страниците.

Подоцна, Дикс налетува на „Скица на историјата“ и забележува сличности, но нема докази дека Велс ја прочитал. Кога сето ова стигнало до суд, судијата употребил изрази како „фантазирачки хипотези“, „мрачни бесмислици“ и „беззначајни споредби“.

Во 2001 излезе и книга од А.Б. Мекилоп, каде што авторот расправа дека Дикс е „ограбена“ и дека е можно судот да ја потценил затоа што е жена.

10 март 2023 - 00:00