
Неколку од најконтроверзните фигури поврзани со она што се вика manosphere се собраа во Мајами, каде што, според објавените видеа, се дружакаа по пентхауси, лимузини и ноќни клубови. Меѓу нив се појавуваат Ендру и Тристан Тејт, Ник Фуентес, Клавикулар, како и други опасни мажлиња што сакаат да зборуваат за мажествени работи. Видеата прикажуваат омаловажување на жени, говор со антисемитски елементи и пуштање на песната Heil Hitler од Кање Вест.
Иако видеата очигледно постојат колку присутните да се пофалат колку се јаки - демонстрација на „елитниот“ живот и вмрежување меѓу влијателни онлајн фигури - впечатокот кај многу гледачи е сосема спротивен. Наместо моќ и самодоверба, се гледаат мажи кои стојат неудобно во ноќен клуб, се натпреваруваат во некаков импровизиран тест за машкост и си ја мерат доминацијата меѓусебно. Резултатот е комбинација од омраза, антисемитизам и мизогинија, но без никаква видлива забава.
Bragging about ignoring women while posing like a couple is certainly… a choice.
— NΛTLY DΞNISΞ (@NatlyDenise_) January 18, 2026
pic.twitter.com/mTE2xTPS79
Особено е индикативен односот кон жените. Наместо да се забавуваат или да комуницираат со нив, учесниците во видеата водат псевдофилозофски разговори за тоа зошто жените не им се вредни за време и внимание. Историски гледано, хетеросексуалната машкост често се изразувала преку блискост со жени - врски, додворување, сексуални односи, или едноставно нивно присуство. Но во овој сегмент од мажосферата, централната публика очигледно не се жените, туку другите мажи.
Жените се присутни само како доказ за рамнодушност кон нив. Целта не е да се остави впечаток кај жени, туку кај другите мажи - во рамки на затворен круг каде што единствената „награда“ е одобрување од анонимни онлајн следбеници. Единствениот кој навистина се гледа како комуницира со жени во видеата е Клавикулар, релативно ново име во мажосферата, познат по промоција на т.н. looksmaxxing (да се максимизира физичкиот изглед со цел да се биде попривлечен, најчесто во контекст на состаноци, социјален статус или онлајн присуство). Токму поради тоа, беше исмејуван и од другите присутни и од коментаторите онлајн.
Разбирате ли вие тоа? Единствениот што колку-толку ќе искомуницира со жени е пресмешен и мета на заебанции. Па, да го смислуваше некој ова, немаше вака да го смисли.
Justin Waller tells Clavicular why you should NEVER take a woman on a dinner date 😳
— Fresh Updates (@tinkaboutdis) January 19, 2026
“It’s a waste of time and money.” pic.twitter.com/OhKcdVSY0k
Еден корисник на X напиша дека Клавикулар „е во иста просторија со Ендру Тејт, Ник Фуентес и други, а се расејува од некоја случајна жена“, додавајќи дека тоа покажува зошто е важно „контролирањето на страстите“. Подоцна, во ноќен клуб, самиот Фуентес - кој претходно има инсистирано дека го привлекуваат жени - го молел Клавикулар да не носи жени за да се дружат.
Во исто време, инфлуенсерот Џастин Волер објаснува зошто никогаш не би одвел жена на вечера: „Вечера еден на еден со жена е грешка и губење време и пари“, вели тој, на што Клавикулар додава: „Три часа глупости“.
Нас нè интересира како сè може да се поминат три часа, а да не се глупости, според овие типови.
(Добро, не нè интересира толку.)
Обично, за луѓето кои се идентификуваат како хетеросексуални, интеракцијата со спротивниот пол вообичаено се смета за пријатна и посакувана. Уживањето во разговор, заеднички оброк или интимност е нормален дел од машкото искуство. Во таа смисла, интересот за жена во реална ситуација би требало да биде поприроден од „вмрежување“ со мажи чија главна видливост доаѓа од онлајн идеолошки кругови.
Дел од јавноста се прашува дали овие мажи се всушност прикриено хомосексуални, но таквите поедноставени заклучоци не ја објаснуваат целосно појавата. Можно е некој да гради јавна слика за себе како маж и истовремено да биде геј, без тоа да вклучува омраза. Проблемот тука не е сексуалната ориентација, туку фактот дека овој модел на „анти-женска“ машкост е целосно одвоен од реалното искуство на хетеросексуалноста.
Сепак изгледа се работи за перформанс за пред камери, каде што машкоста се сведува на демонстрација на презир, дистанца и натпревар без суштинска цел. Иронијата е што, во тој процес, тие не уживаат ни во привилегиите што самите тврдат дека ги поседуваат. Никој во овој екосистем не изгледа дека се забавува - ниту мажите во видеата, ниту жените околу нив, а најмалку младите мажи кои ги следат и се инспирираат од вакви содржини.
Овие фигури не само што не покажуваат почит кон жените, туку очигледно не се ни особено наклонети едни на други. Настанот во Мајами ја соголи суштинската природа на мажосферата: таа никогаш не била вистинско братство за „подобрување“ на мажите, туку натпревар без јасна цел и без реална награда.
Уште еднаш, сето ова драмење - без јасна цел и без реална награда.
Ама па, тоа може значи - надеж. Секогаш ќе има луѓе што ги следат и идеализираат, ама со тек на време, дури и вакви „ојачани“ заедници губат на важност и се распаѓаат, како и самата илузија што се трудат да ја одржат.