Во последно време, разноразни велнес и „здрава храна“ организации се обидуваат да промовираат некакви производи или шеми, што обично се вртат околу нивната грижа за климатските промени.
Секоја нова порака ни кажува дека купувањето на „климатски-френдли“ протеински шејкови, или поддржување на секакви кампањи за здраво јадење помага да се спаси и планетата и телото. Се создаваат врски меѓу згодното (слабо) тело и посветеноста на климатската правда, а велнес компаниите се расфрлаат со маркетинг наративи, во чиј центар е лагата дека некако, тие несекојдневни, а сепак одржливи работи што ги купуваме можат да го сменат правецот на климатската криза.
Оперирајќи со класистички и редукционистички пристап кон здравата исхрана, ваквите кампањи обично се фиксираат на јаглеродната стапка што ја прави процесираната храна и демонизацијата што следи за тие што ја јадат. Структуралните прашања - како сиромаштијата, фрлањето храна и животот во места каде што храната е тешко достапна - комплетно се бришат, со тоа што тие што конзумираат поевтина и калориски понабиена храна се сликаат како иницијатори на климатската криза. А реално, тоа се жртви, бидејќи се принудени на исхрана ограничена со хранливи состојки и разновидност заради високите цени и регионалните недостатоци. Борбата при живот во сиромаштија или во географски ранливи области не се зема предвид, во корист на дискусијата околу носење подобри одлуки - сето тоа зачинето со сјајни фотографии од инфлуенсери.
Наместо да бидеме индоктринирани од велнес-маркетинг, треба да приговараме на тоа што нашите лица се користат како алатка во играта на ловење индивидуи одговорни за климатската катастрофа. Не се работи ни за случајност, ниту за наша вина (освен ако не сте милијардери), туку е производ на векови екстрактивни и екплоатирачки системи на капитализам и колонијализам, помогнати од елитите кои немаат причина да запрат, а имаат многу причини да продолжат.
Време е да се размисли критички за тоа како ја гледаме климатската криза, плус нашите тела и да престанеме да се потпираме на ужасните индивидуалистички наративи што ги тераат корпорациите дизајнирани да профитираат на несигурност и стрес, а и од уништувањето на планетата. Сами не можеме да се бориме со климатските промени само со конзумирање на бутик-велнес производи од Инстаграм. Правиме нешто ако пружаме отпор кон овие идеи и се буниме против компаниите одговорни за нашата моментална ситуација.
Дали тоа ќе биде со бојкот, со протести, со дописи до политичари, учење за климатска правда, донации или едноставно со блокирање на профили што товарот го наметнуваат на нашата исхрана, не фалат начини на кои што можеме да се бориме против коренот на проблемот.