„Тивкото објавување“ го заменува прекумерното споделување на Инстаграм

Инстаграм долго време функционираше како јавен дневник, со секој пост како доказ дека нешто се случува: патување, љубов, успех, трансформација. Ви текнува и дека секое отсуство и враќање од апликацијата мораше да дојде со објаснување? Оние „малку ќе паузирам, но...“ како некој да се насекира? Денес, тој модел очигледно се распаѓа.

Сè повеќе корисници објавуваат ретко, ненаметливо и без контекст. Трендот што се нарекува „quiet posting“ - или тивко објавување - не е нов визуелен стил, туку промена во односот кон публиката, вниманието и сопствената приватност.

Тивкото објавување значи објава без наратив. Нема долг опис, нема хаштагови, нема потреба да се објасни зошто токму сега и зошто токму ова. Фотографијата или видеото постојат сами за себе, без обврска да раскажат приказна. За генерации навикнати на постојано „апдејтирање“ на животот, ова е значајно отстапување.

Една од причините е очигледна: дигитален замор. Години наназад, корисниците беа охрабрувани не само да споделуваат, туку и да го прават тоа на „правилен“ начин - со автентичен тон, со доследна естетика, со доволно лична, но не и премногу лична приказна. Тоа создаде чувство дека секоја објава е мал јавен настап и тивкото објавување е начин да се избегне таа сцена.

Зад оваа промена стои и нешто подлабоко. Прекумерното споделување, кое некогаш беше форма на поврзување, со време стана форма на самоконтрола. Корисниците почнаа да го гледаат сопствениот живот низ потенцијалната реакција на публиката: дали е доволно интересно, дали изгледа добро, дали ќе биде „разбрано“. Со тивкото објавување, тој круг се прекинува, не затоа што публиката исчезнува, туку затоа што не е во центарот.

Интересно е што овој тренд не значи напуштање на Инстаграм - напротив, многу од оние што објавуваат тивко се сè уште активни корисници, само што нивното присуство е поопуштено. Нема чувство на должност, нема стратегија и ова е особено видливо кај миленијалците и постарите припадници на Генерација З, кои веќе имаат искуство со неколку циклуси на дигитална исцрпеност.

Тивкото објавување, исто така, оди рака под рака со зголемена свест за приватноста. Во време кога личните информации лесно стануваат содржина, а содржината лесно станува податок, одлуката да не се објаснува сè е форма на заштита. Не мора секој настан да биде документиран, ниту секоја емоција да биде именувана.

Оваа промена го отсликува поширокиот културен момент, бидејќи по години во кои доминираше логиката „ако не е објавено, исто како да не се случило“, се појавува спротивна идеја: некои работи имаат поголема вредност ако останат нераскажани. Тивкото објавување не е повлекување од јавноста, туку редефинирање на односот со неа.

15 декември 2025 - 00:00