Нема да има барбики кај мене.
Овие зборови, кажани пред да имам деца и во раните години на моите две ќерки едвај некогаш да беа предизвикани од жените околу мене. Сите го делевме ова мислење, верувајќи, без воопшто да навлегуваме зошто, дека барбиките се директен противник на типот на феминизам кој сакавме да им го пренесеме на нашите деца.
Нема врска што пораснав со барбики, со цели кутии барбики и сите нивни додатоци, или дека си играв со нив многу подолго од моите врснички. Ова е нова генерација. Да не спомнуваме дека ме ежеше помислата на тие мали штикли, ташни и тијари растурени по дома.
А сепак, еве сум, ги манипулирам цврстите раце на Барби во фустанче за журка на барање на мојата тригодишна ќерка. Еве сум, собирам крпи за да ги ставам под базенот на Барби, во надеж дека подот ќе остане релативно сув. Еве сум, работам со петгодишното за да ги собереме малите штикли (и патики и чизми) расфрлани по собата и да ги ставиме во нивната кутија пред легнување.
Како стигнав до овде?
Како и во повеќето случаи, можат да се обвинат бабите и дедовците. Моите девојчиња ја открија Барби - поточно, моите стари барбики на посета кај моите родители. Ако сме фер, мајка ми навистина прво праша и јас реков добро, можат да си играат со нив кога се таму. Ќе биде нешто посебно, нешто што можат да го прават кога ќе одат на гости кај нив, а живеат далеку.
После се случија половните барбики што ги купивме на една распродажба кај другите баба и дедо. И повторно, во ред, нека стојат во нивната куќа, живеат на спротивниот брег. Но, барбики почнаа да се појавуваат во пакетчиња за Велигден. Па под елка, неонско-розеви Барби кутии. Ама за последново никој не ми е крив - јас бев.
Се разбира, има многу потенцијални лекции за родители тука: Потсетник дека немаш поима околу родителство додека не станеш родител. Важноста да им дозволиш на децата да имаат сопствени интереси, дури и кога се разликуваат од твоите. Потребата да се прифати хаосот, милионите мали делчиња што доаѓаат со вообичаеното детство. Ама вистината е дека, ја прифатив Барби од причини што многу повеќе мене ми одат во прилог.
Барби ме прави подобар родител.
Далеку од стравот дека Барби ќе биде само порта кон површни грижи за изгледот, или лажна идеја дека можеш да бидеш сѐ (и фризерка и астронаут!), куклите ми се критична алатка во секојдневниот живот - моментите на радост, несигурност, страв, возбуда, анксиозност и многу други работи. Децата често ми ги одговараат прашањата за во градинка со скратени одговори што ми даваат многу малку информации, но кога играат со барбики, ги рекреираат деновите до детаљ. Барбиките одат во школи неверојатно слични со оние на моите ќерки. Одат на гимнастика и балет, одат на настапи и спортски настани, си играат со другарки и одат на патувањата што вистински ги планираме.
„Немој да заборавиш да кажеш ‘бонжур’ кога ќе влеземе во пекарата,“ ја слушам барбиката на мојата постара ќерка како ѝ се обраќа на помалата. Секунда подоцна, ја слушам помалата како со куклата ги купува сите макарунс од пекарата. Од каде што набљудувам, слушам доволно за да ги пазам, но не сум доволно блиску за да се воздржуваат. Очигледно сѐ им е јасно околу планираното патување за Париз на пролет.
Во дијалогот што го имаат моите ќерки држејќи барбики, почестена сум со нивните интерпретации на она што го слушаат од наставници, тренери, другарчиња, па дури и од мене. Понекогаш блескам од гордост кога ги слушам моите зборови како се користат за охрабрување, славење или благи инструкции. Во други случаи, ми се смачува кога одново ги играат моите не-баш-сјајни моменти, како еден болен, но важен потсетник дека дури и да не изгледа така - слушаат и паметат сѐ што им зборувам.
Колку и да сакам да слушам за малите детали од нивниот ден - на каков проект работат во школо, каква песничка научиле или што донеле другарчињата за јадење - престанувам да куцам и слушам повнимателно кога ќе наслушнам дека барбиките ги откриваат нивните стравови, грижи и несигурности. Мојата постара ќерка е ведро и мило дете што чувствата ги крие како змија нозе, без разлика на моите напори да ја натерам да се отвори и да каже што ја мачи. Наместо тоа, таа чува во себе додека не почне да блуе оган, а јас очајно се обидувам да сфатам кој е вистинскиот проблем.
Но, кога ќе ја слушнам нејзината барбика како кажува дека се плаши од темнина, или објавува дека нема да се дружи со некоја друга барбика затоа што другава е премногу злобна, знам дека ќерка ми изразува нешто што не ѝ е удобно да го каже директно.
„Дали тоа слушнав дека Барби се плаши од темнина?“ прашувам, додека шетам со корпата за валкани алишта. „Имаш некоја идеја како да ѝ помогнеш?“ Понекогаш ќе скокне со одговор пред да го довршам прашањето, знаејќи точно што сака, но без да сака многу да каже; често ме прашува што мислам јас. Не нудам секогаш одлична идеја (како што и ми забележува), но барем зборуваме, и со фокусот исклучиво на Барби, заедно можеме да го исхендламе проблемот што инаку би го сокрила.
И како што си го бараме патот во ова чудно време полно со анксиозност, кога сѐ е откажано, малото прозорче што Барби ми го овозможува до мислите на моите деца ми е уште повитално. Што знаат? Колку им е јасно тоа што се случува? За што се загрижени? Што им е страшно или им доаѓа премногу? Има ли нешто деновиве што може да им е забавно и возбудливо?
Се разбира, не мора да е Барби. Може и да се тие слатки дрвени кукли што ги купив во обид да ја тргнам Барби настрана - тие што ги игнорираа две години додека не ги дадов во друго семејство. Сепак, од некоја причина, Барби е на иста бранова должина со моите ќерки… И им овозможува поотворено да разговараат со мене, дури и кога немаат поим што прават.
Затоа, океј Барби, избриши ги чевлите, измиј си раце (20 секунди) и влези. Но, жити сѐ што е свето, барем држи си ги чевлите каде што им е местото.