
Според д-р Даниел Ејмен, психијатар и специјалист за снимање мозок од Калифорнија, светлината има моќно влијание врз мозокот преку системот кој ги поврзува очите со внатрешниот биолошки часовник - супрахијазматското јадро.
„Силната и сината светлина му кажуваат на телото дека е време за будење - го зголемуваат кортизолот и го намалуваат мелатонинот,“ објаснува тој. „Но, кога светлата ќе се изгасат, ниската осветленост му сигнализира на телото дека е безбедно и време е да премине во состојба на одмор и обновување.“
Темното туширање, според Ејмен, го „смирува радарот за опасност“ во мозокот, односно го намалува вкупниот сензорен товар. Со помалку визуелни дразби, делот од мозокот што реагира на стрес има помалку причини да се активира, што создава чувство на јасност и стабилност.
За оние што сакаат да ја испробаат техниката, лекарот препорачува постепено воведување: да се намалат светлата 60 до 90 минути пред спиење или да се користи блага жолтеникава или црвена светлина. Во самата бања може да се додаде ароматерапија со лаванда или темјан, мека крпа и пријатна температура од околу 18–20°C.
„Мозокот се храни со предвидливост,“ додава Ејмен. „Вечерните ритуали му помагаат на телото да премине од будност кон мир.“
Темното туширање е особено корисно за луѓе со анксиозност, АДХД или несоница, бидејќи создава надворешен мир што потоа се пренесува внатрешно.
Сепак, за некои луѓе - особено оние со трауми или депресија - целосната темнина може да биде непријатна. Во тие случаи, психијатарот советува пригушена светлина, тивка музика или мирис што создава чувство на сигурност.
Според него, темното туширање е начин да му дадеме мирно место на нервниот систем да се опорави.
А за оние кои мораат да се тушираат наутро, постои алтернатива: кратко ладно туширање. Ладната вода го активира вагусниот нерв, ја намалува воспаленоста и го стимулира мозокот - наутро буди и фокусира, а навечер треба да биде кратко и проследено со топлина за да не го наруши сонот.