Бункерот - кој отпрвин не бил изграден за да издржи бомбардирања - бил конструиран во 1909 за воените телекомуникации што се случувале под Ајфеловата кула. Кулата е инаку дизајнирана како влез за Exposition Universelle од 1889, но кратко потоа, Ајфел се обидувал да најде начини да си го спаси проектот, затоа што се планирало да стои исправен максимум 20 години и бил тешко критикуван заради архитектонската естетика - па самиот финансиски го подржал планот на воениот генерал Густав-Огист Ферие да изгради безжична телеграфска станица на врвот на кулата.
Проектот бил успешен и Ајфел и Ферие работеле заедно на првиот тест на радио-преносот. Сепак, парижаните не биле воодушевени што војници им тупотеле преку убавиот Шан де Мар, па во 1909 бил изграден траен бункер за да се сместат операторите.
За време на Првата светска војна, бункерот добил уште поважна улога како потенцијална дестинација за бегство, со комплексна подземна мрежа и тајни тунели. Комуникациската структура на кулата се покажала особено корисна кога француските сили ги расипале германските комуникации, што било и значаен фактор во освојувањето на Првата битка на Марна. Француската војска успевала и да дешифрира непријателски пораки - од позначајните, фатиле комуникација меѓу Германија и Шпанија, што довело до апсење на егзотичната танчерка и шпион, Мата Хари.
После војната, емитувањето добило позабавна намена, со отпочнување на Радио Ајфелова Кула во 1921, во северниот столб на кулата - имало вести, временска прогноза и концерти. Францускиот актер Саша Гитри (заедно со татко му Лусијан Гитри и жена му, актерката Ивон Прантом) ги имале првите цивилни радио програми за време на ’20-те. И не било радиото единствена форма на комуникација: во еден момент, кулата била и редакција за францускиот весник Ле Фигаро и имало и пошта. За жал, на Радио Ајфелова кула му дошол крајот во 1940, со германската окупација, но емисиите продолжиле и по конфликтот, а се пренесувало и крунисувањето на кралицата Елизабета II во 1953.
Тунелот останал воена тајна 70 години, а со бункерот доаѓаат и нерешени мистерии, на пример, дали има тунел од јавните градини Шан де Мар, до Военото школо. Повеќе телевизиски и радио-станици (ТВ антена прв пат се инсталирала во 1957) и ден денес емитуваат од Ајфеловата кула.
Пуштија и посети на подземниот простор на кулата од скоро, но ги прекинаа. Се оди по скали надолу, 4 или 5 метри и се наоѓаш во мал подземен музеј на влезот на стариот бункер, каде што се истакнати детали од помалку познатата историја на кулата. Јадрото на бункерот сепак не е достапно за јавноста долго време и посетителите што доаѓаат да видат воено засолниште остануваат разочарани.
Како да е пропуштена шанса за една од најпосетуваните локации на светот, што сега бункерот го користи за многу невозбудлива работа - складирање, главно за рестораните што ги има на кулата. Поинтересна е само оригиналната просторија каде што се сместени машините што сѐ уште ги контролираат шесте хидраулични лифтови на кулата, дизајнирани од самиот Густав Ајфел во 1889.