Иако човечкото стапало има заоблен облик, многу женски елегантни чевли завршуваат со остар врв. Овој дизајн често предизвикува непријатност при носење, а сепак - упорно е популарен. Вотсон објаснува дека причината се наоѓа во историјата, симболиката и социјалните норми кои модата ги одржува со векови.
Истражувањето потсетува дека острите чевли не започнале како женски тренд. Во Европа од 14 и 15 век, вакви кожни обувки биле дел од гардеробата на богатите мажи - познати биле како poulaines или cracows и понекогаш достигнувале и до триесет сантиметри должина. Внатрешноста се полнела со волна или мов за да ја задржи формата, а изработката барала значителни ресурси.
Со ваквите обувки било речиси невозможно брзо движење, што, според Вотсон, било токму поентата - модата служела како статусен симбол. Носењето чевли со долги, украсени врвови значело дека сопственикот не мора да работи физичка работа, исто како светлиот тен што значел дека не си по цели денови по ниви.
Популарноста на овие обувки достигнала такви размери што кралот Едвард IV во 1463 година донел закон со кој должината на врвовите се ограничувала на пет сантиметри за сите под аристократски чин. Мерката имала не само социјални, туку и политички и религиозни последици - ги штитела англиските текстилни производители, ја одржувала класната хиерархија и симболично ја поврзувала умереноста со побожноста.
Но, модниот идеал имал цена. Поради тесниот облик, чевлите предизвикувале болка и деформации на стапалата, меѓу кои и појава на коскени испакнатини, познати како hallux valgus.
Слични трендови се појавувале и во други култури индиските jutti и khussa, и кинеските lotus shoes за врзани стапала. Во сите случаи, обувката била симбол на припадност и престиж, а не на удобност.
Вотсон укажува дека, иако модерните чевли со шпиц можат да предизвикаат слични проблеми, нивната популарност опстојува поради длабоки психолошки механизми. Луѓето имаат вродена потреба за припаѓање и прифаќање. Ако модата диктира дека остриот, издолжен облик е знак на елеганција и женственост, многумина несвесно ќе го прифатат.
Научниците го нарекуваат овој феномен enclothed cognition - идејата дека облеката што ја носиме влијае врз тоа како се перципираме себеси и другите. Така, издолжениот облик на обувките создава визуелна и психолошка илузија на грациозност и моќ.
Со напредокот на технологијата и растечката свест за удобност, современите производители се обидуваат да ја намалат болката што ја предизвикува ваквиот дизајн, ама самиот дизајн тешко дека ќе го снема.