Иако поплаката понекогаш делува како природен начин за ослободување од фрустрација, психолозите и невронаучниците укажуваат дека навиката на постојано жалење создава долгорочни последици. Според авторот Стивен Партон, жалењето и дружењето со луѓе кои само кукаат може да предизвика негативни промени во мозочната хемија и во целокупната психофизичка состојба.
На пример, мозокот се тренира за негативно размислување - Партон објаснува дека секоја мисла создава електричен импулс кој минува низ врски меѓу синапсите. Колку почесто се повторува истата мисла, толку поблиску стануваат тие врски, а мозокот полесно и побрзо ја активира истата шема на размислување.
Кога доминираат негативни мисли, мозокот се адаптира на тој образец, што ја зголемува веројатноста негативното да стане основен начин на перцепција. Со други зборови, мозокот физички се менува да му биде полесно да размислува песимистички.
2. Негативните мисли се претвораат во навика и реалност
Со повторување на истите мисловни шеми, мозокот ја избира онаа што му е најпозната и најбрза. Ако таа е негативна, со тек на време се создава автоматски одговор на секоја нова ситуација преку призма на незадоволство или сомнеж.
Истражувањата покажуваат дека ова е поврзано со когнитивната пристрасност - тенденција човек да си бара информации што му ги потврдуваат постоечките уверувања, игнорирајќи ги фактите што укажуваат на спротивното. Овој механизам се засилува во друштво со луѓе кои често се жалат, каде што негативниот модел на размислување станува заразен.
3. Негативноста се пренесува преку емпатија
Кога човек набљудува емоција кај друг, мозокот ја „тестира“ истата реакција за да ја разбере. Тоа е основата на емпатијата, но во средина исполнета со жалење, овој процес доведува до несвесно прифаќање на туѓата негативност.
Постојаното изложување на поплаки создава т.н. „спирала на негативност“, каде што сите учесници се чувствуваат сè полошо. Истражувањата покажуваат дека и самото слушање поплаки може да предизвика пад на расположението и зголемен стрес.
4. Физиолошки последици од хроничната негативност
Навиката на жалење влијае и на телесното здравје. Кога мозокот постојано активира синапси поврзани со лутина и фрустрација, телото реагира со зголемување на крвниот притисок и нивоата на кортизол - хормон на стрес.
Долготрајното изложување на високи нивоа на кортизол може да го оштети хипокампусот, делот од мозокот одговорен за меморија и емоционална контрола. Дополнително, хроничниот стрес го зголемува ризикот од срцеви заболувања, дијабетес и ослабен имунитет.
Значи - не дека е сјајно и стварно е во ред понекогаш да си признаеме и гласно да си кажеме дека нешто нè мачи, само да не премине во навика. Затоа што, како што можеш да го навикнеш мозокот да му биде удобно во негативно, можеш да го навикнеш и на позитивно - само треба да ти текне.
И бегајте од луѓе што постојано кукаат.