Кинескиот шпион и Французинот што мислеше дека му е жена

Во историјата на шпионажата ретко се среќава приказна толку необична и истовремено збунувачка како приказната на кинескиот оперски пејач Ши Пеј Пу и францускиот дипломат Бернар Бурсико.

Бурсико, млад дипломат во француската амбасада, го запознал Ши преку културни кругови. Ши бил обучен за традиционална пекиншка опера - уметност во која мажите играат женски улоги и тоа со совршено совладани женски гласови, движења и гестови. На растрепканиот Французин, Ши му се претставил како жена која е принудена да живее како маж, за да преживее во политички чувствителна средина - а каква што била Кина во тоа време, тоа звучело и многу веројатно. 

Нивната врска се развивала тајно, била нежна, интимна и обвиткана во мистерија. Почнале да живеат заедно, како маж и жена, а во еден момент, сопругата објавува и дека е бремена и на крај носи машко бебе дома, всушност посвоено.

Сомнеж - нула.

Овде веќе човек почнува да се прашува како тоа и има и по некое објаснување по интернет.

Според нивните кажувања подоцна, интимните средби секогаш се одвивале во темница, Ши бил воздржан, покриен и внимателен, убедувајќи го Бурсико во својата чедност. Бурсико подоцна споделил дека е можно да се служел со разни материјали за да лажира вагина.

И вака вљубен и заулавен, Бурсико почнал на сопругата да ѝ предава доверливи документи, убеден дека ѝ помага во лични и семејни неволји. На тој начин, без да биде свесен, станал извор на информации за кинеските власти.

Во 1983 година, двајцата биле уапсени и обвинети за шпионажа. Кога истрагата открила дека Ши Пеј Пу е биолошки маж, приказната предизвикала сензација во меѓународните медиуми, а Бурсико, во шок, се обидел да си го одземе животот. И двајцата биле осудени на шест години затвор, но бидејќи не претставувале опасност, ги пуштиле по помалку од две.

По излегувањето од затвор, Ши останал во Париз, каде што предавал кинески јазик и повремено настапувал. Живеел тивко, со доза на театралност што никогаш не го напуштила. Бурсико, пак, се оженил и работел како домар во старечки дом, но никогаш целосно не се ослободил од спомените. Неколку години подоцна, повторно се сретнале во Париз. Средбата била мирна, речиси нежна. Според сведоците, Ши тогаш му рекол:

„Ти мислеше дека сум жена. Јас мислев дека си маж. И двајцата згрешивме.“

Ши починал во 2009 година, на седумдесетгодишна возраст. Бурсико подоцна изјавил дека, и покрај сè, „во срцето таа секогаш останува моја жена“. Од оваа вистинска приказна ги имаме драмата M. Butterfly на Дејвид Хенри Хуанг и филмот на Дејвид Кроненберг. 

Да не се занемари и опцијата дека Бурсико станал свесен дека живее со маж во еден момент, можеби и многу рано во врската, но во тоа време секако било побезбедно да се преправаш дека не си знаел.

На крај, останува фактот дека биле заедно дваесет години и сепак не се заборавиле.

21 октомври 2025 - 12:20