Рејчел Зеглер била „разводнета“ и неефектна, а Гал Гадот пробува да спаси нешто во ова „ново дно“ на Дизни, велат првите гледачи.
Прво ги намалија маркетинг-активностите, а сега се појавуваат реакции од публиката, особено лута затоа што се растура првиот долгометражен Дизни цртан од 1937 година. Отфрлањето на филмот дава чувство на митски импликации, како да се преминала некоја граница, како да завршила една ера, пишува Тајмс.
Режисерот е истиот од The Amazing Spider-Man - Марк Веб, плус многу, многу сценаристи што скоро деценија работеа на ова, за на крај да излезе комбинација од политика, па „инспиративни“ пораки, па уште политика. А драма? А приказна? А ликови?
Не. Изгледа овие работи се „декадентни алатки на опресорот“.
Филмот почнува со објавата дека Снежана (Зеглер) го добила името по снежната бура што беснеела ноќта кога се родила, а не затоа што, како во оригиналот, „кожата ѝ била бела како снег“.
За кратко дознаваме дека Снежана, сама во замокот, нема да ја пее ужасната, хетеронормативна балада „Еден ден ќе дојде мојот принц“. Не, има нова песна што се вика „Чекајќи да се исполни желба“ - се работи за тоа како Снежана, повеќе од што и да е, само сака „да почне да зборува со бестрашно срце.“
Даваат изгледа кеси за повраќање со секоја карта, коментира Тајмс.
Кога Снежана ќе избега во шумата од Лошата кралица, ги наоѓа седумте џуџиња. Ова се фотореалистични, компјутерски генерирани верзии на анимираните ликови, но никој не се осмелува да го каже проблематичниот збор на Џ.
Еднакво проблематично, како што ќе видиме, е да му се обраќаме на Глупчо - „Само затоа што се вика Глупчо, не значи дека е глуп!“ нè предупредуваат, како да сме ние глупите. Нè караат да не му се смееме на Спанко, затоа што страда од хронично невролошко нарушување наречено нарколепсија.
И нормално, го има делот каде што Снежана и животните ја чистат валканата колиба на Џ*******, поточно - Џ******* ја чистат колибата, а Снежана им наредува, веројатно во обид да зборува со бестрашно срце.
Вака тера, сосе една скоро-романса со бандит и неговата досадна дружина од седум мултиетнички неликови кои како да доаѓаат од некој претходен драфт на сценариото.
Гадот се обидува да донесе енергија со Кралицата, но го нема тој оттуѓен еротизам што го донесе Анџелина Џоли кај Малефисент, па ни вокалниот бес на Лусил Ла Верн од оригиналот направен пред 88 години.
Новите песни, исто како и Зеглер се водести и неефектни, а драматичниот конфликт не постои. Тешко е да не се гледа ова како кризен момент за Дизни, студио што порано правеше беспрекорни анимирани приказни, а сега инфантилизира глобална публика со занесени животни лекции извадени од трупот на сопствените убиени филмови. Сепак, кој не би сакал да зборува со бестрашно срце?
Тајмс дава една ѕвезда.
Кај нас доаѓа на 27 март.