Џени Мастард ја видовме тука, кога учествуваше во разговорот за разлики меѓу Французинки и Скандинавки, и има цело видео на Јутјуб за уметноста на „фика” - најверојатно затоа што колку позападно се движиш, толку помалку се има разбирање за таа нивна (и наша) потреба да паузираат со кафе, муабет, некое колаче па и трач, ако треба.
Од друга страна, нам ни е сосема јасно. Таа кафе-пауза, што често доаѓа во комбинација со колега, или со некој друг близок никогаш не престанала да биде омилен дел од работното време ако ти се погодени колегите. Ако не ти се, тогаш (ќе чуете) дека и во Шведска е непријатно и мораш да се смешкаш и да гледаш да те снема побрзо.
Фика е момент за кафе, длабоко вткаен во шведското секојдневие, често во комбинација со колаче, најчесто со драги луѓе. Швеѓаните го прават од сабајле околу 10 со семејството, накај 3 со колеги, а понекогаш и навечер. Секоја канцеларија има „соба за фика” и времето поминато во оваа симпатична активност што нам ни е толку позната, им е свето. Тоа е тој совршен момент да поминеш време со луѓето, без да мора да се договарате да се видите надвор од работа, кога балансираш на линијата меѓу културно и фино однесување и близок однос со тој што прави фика со тебе. Затоа и предупредува Џени Мастард: во никој случај да не сте се осмелиле да внесете политика, сељачизам (не рече „сељачизам” ама тоа значи) и конфликт во фика.
Уште и ако имате седум вида суви колачи во секое време - тогаш сте фика мастер.