Што со гневот и беспомошноста после трагедија?

Кога ќе се случи - без разлика дали е насилство, катастрофа или ненадејна загуба - емоциите можат да бидат претешки. На површина испливуваат гнев и чувство на беспомошност.

Овие чувства се нормални и очекувани, но справувањето со нив е од суштинска важност за одење напред, и индивидуално и како заедница.

Прво, треба да се препознаат емоциите. Гневот доаѓа од неправда, страв, или длабоко чувство на загуба. Беспомошноста доаѓа потоа, затоа што настанот не бил во твоја контрола. Поттиснување на овие чувства не значи дека ќе исчезнат - напротив, ќе се засилат и важно е да си дадеме дозвола да ги почувствуваме. Да се разговара со блиските, со семејството, или со професионалец, бидејќи споделувањето на искуството помага да му се намали тежината.

Моќно може да биде и канализирањето на гневот во дејство. Доброволни активности за заеднички иницијативи, поддршка за директно инволвираните, учество во собири и помени. Да се учествува во нешто конструктивно може да донесе чувство на цел и контрола, дури и во ситуации кога е хаотично. Истовремено, не смее да се заборави на грижата за себе - да се направи пауза кога нешто станува премногу, да се одмори, да се јаде, да се придвижи телото, макар и само да се прошета. Траумата може да живее во телото, а физичката активност знае колку-толку да ослободи од тие стеги.

Она што е важно да се запамети е дека  заздравувањето не следи никаков распоред. Некои денови знаат да бидат потешки од некои други и тоа е во ред. Можеш да се потпреш на заедницата кога можеш, а можеш и да си дадеш простор кога е тоа потребно.

На крај, ако чувствата на бес и беспомошност стануваат тешки за справување, професионална помош е секогаш добредојдена. Терапијата не е ни само за еден на еден - и групното советување може да биде од помош. Заедничка трагедија остава лузни, но со сочувство и конекција е можно да се продолжи понатаму, особено кога никој не е оставен сам.

21 март 2025 - 11:38