Што да правиш ако почнеш да си ја мразиш работата

Сајтот Man Repeller почна како блог на едно девојче, што со тек на време го претвори во мултимилионски медиум за мода, убавина и други фини и забавни работи. Креаторката, Леандра Медин за името вика дека се нашло од шала, за место што природно ги одбива мажите од што има само женски работи. Во денешно време, не само што го читаат и мажи и жени, туку знаат и да побараат совет од неа, на што таа со задоволство одговара.

Овој пат, анонимно писмо што може да е пратено од минимум 50 посто од популацијата, поради што веројатно е и избрано да биде јавно одговорено:

Што ако си ја замразиш работата?

Драги МР,

Што се прави ако веќе не си ја сакаш работата? Работам со медиуми веќе неколку години. Писател сум и порано си ја обожавав работата, но компанијата каде што работам тргна во поинаков правец и сега сум принуден/а да пишувам работи со кои не се согласувам, или воопшто не сакам да ги покривам. Понекогаш успевам да напишам нешто со кое се гордеам, но остатокот е толку уништувачки што не можам да најдам желба ни за работите што навистина сакам да ги правам. Што би правеле вие на мое место? Дали треба да дадам отказ? Да пробам нова кариера? Да почнам нешто свое?

Потпис: збунет/а, немотивиран/а, но со амбиција

Одговорот на Леандра:

Збунет/а, немотивиран/а но со амбиција! Звучи како да си до втората фаза на истражување на идентитетот, едиција – 20-ти години. Не знам колку години имаш, но ако морам да погодувам, би рекла некаде меѓу 27ипол и 29. Ова го кажувам затоа што од прилика кога наполнив 27, почнав да се прашувам вакви работи како тебе. Ми течеше животот и се чувствував како земјата под мене да се стеснува. И ова го кажувам во минато време, но ако сум искрена, треба да спомнам дека и во денешно време, често знам да се чувствувам така.

Точно, веќе го имав почнато моето нешто и сепак, во најголем дел пишував нешта што сакав да ги пишувам, но вистината е дека, мојот недостаток на мотивација и непропроционалната амбиција немаа никаква врска со деталите поврзани со мојата работа, а и тоа како имаа врска со новата фаза во која влегував. Те предизвикувам подлабоко да анализираш дали навистина повеќе не ја сакаш твојата работа поради темите што ги покриваш, или затоа што можеби се чувствуваш како да растеш, а со тоа расте и твојот глас.

Ако ова второво ти е проблем, ти предлагам да водиш дневник. Изнапиши се до бесвест! Дозволи си да навлезеш во гласот кој веќе не ги претставува твоите идеали. Мрази го, разработи си го мозокот, продолжи додека не остане ниеден избор освен да се смени, затоа што, знаеш што, ќе се смени. Во мојата омилена метафора, има ајкули што се движат, и сега ќе ја искористам: животот е како ајкула. Ако престане да се движи, ќе умре. Ти нема да престанеш да се движиш. Можеби нема да ти биде удобно во моментот, може ќе ти делува замрсено, но наместо да се лутиш на таа неудобност, наместо да се грижиш што твоите пријатели се качуваат на корпоративната скала, а ти се враќаш наназад, заблагодари им се на твоите инстинкти што те заклоцале и ти покажале дека си подготвен/а за промена.

Е сега, зезнатото околу инстинктот е што ти кажува дека нешто мора да се смени, но нема да ти каже што, ниту како да го смениш. Таа работа е далеку понепримитивна, поради што ќе ти препорачам да се убиеш од пишување. Постави си ги најиритантните прашања што можеш да ги смислиш: Кој сум јас? Што правам тука? По што сакам да ме запамтат? Кога сум најсреќен? Што ме тера да станам од кревет секое утро? Кога почнувам да губам надеж? Што правам во тие моменти? Како да го променам тоа? Почни да одговараш и ветувам, ќе почне свашта да ти излегува од уста и од памет, и ќе се појави право на екран. Имаш среќа што почнуваш со предност, затоа што веќе си писател. Потпри се на тоа, и за промена, талентот нека се погрижи за тебе. Не бери гајле ти за него.

Во случај да грешам и да излезе дека навистина си почнал/а да не си ја сакаш работата, ако не те задоволува и не те исполнува повеќе и тоа нема никаква врска со твојот внатрешен дијалог или емотивната состојба на твојата врска со тастатура, ова ќе ти го кажам: Во ред е да не ти се допаѓа секој аспект од твојата работа. Упорно нè опсипуваат со муабети дека кариерата во 2017-та мора да делува како одмор на Кариби со коктели и илјадници лајкови на Инстаграм, но се прашувам дали тој момент створил една илузија за тоа што е уствари – работење. Не треба да се чувствуваш #благословено кога пополнуваш извештаи и куцаш бројки во Ексел, но ако е така, алал да ти е. Не ти го кажувам ова со идеја дека треба да продолжиш да работиш во опкружување што почнуваш да го мразиш, туку за да те потсетам да бидеш пофин/а со себе, да почнеш навистина да правиш разлика меѓу деловите од работата што те одвраќаат и деловите во кои сè уште уживаш. Искористи ги овие информации за да откриеш што иде следно. И не боли да имаш еден необавезен разговор со претпоставениот. Ова се разбира е уште поважно ако работиш со нешто што се коси со твојот систем на убедување.

И во однос на промената на кариера: Повеќето луѓе кои почнуваат да пишуваат не паѓаат туку така во таа професија. Тоа е тешка работа, те држи цело време на нејзе и те врзува со рокови што ја прави многу покомплицирана од твоето образование кое инаку почитувало временски граници. И најчесто, може да делува неверојатно неплодна, давајќи ти само по некоја реченица која ти секако сакаш да ја избришеш. А сепак, вистината е дека е дар да бидеш мотивиран во оваа во оваа професија и таквата мотивација вреди да се негува.

29 август 2017 - 18:05