Се вклучи и синот на режисерот на „Снежана“ од 1937

Ова доаѓа по масовните критики што ги доби Рејчел Зеглер, актерката што ќе ја глуми Снежана во новиот филм на Дизни.

Синот на аниматорот кој го режираше оригиналниот „Снежана и седумте џуџиња“ на Дизни, го искритикува новиот римејк на Дизни со Зеглер. За драмата пишувавме овде, а накратко - Зеглер се истрча да каже дека (парафразираме) оваа Снежана не е глупа како старата и не ѝ е битно дали ќе ја спаси принц, туку сама се бори, што потегна критики дека се демонизира аспирацијата да се вљубиш некогаш во животот, и дека им се мешаат во изборот на жените што едноставно не сакаат да бидат лидери.

„Оригиналниот цртан излезе во 1937 и тоа се гледа. Има голем фокус на нејзината љубовна приказна со човек што буквално ја следи. Чудно! Чудно! И не го направивме тоа овој пат,“ изјави Зеглер во октомври, 2022. „Направивме Снежана што... Нема да ја спасува принцот и нема да сонува за вистинска љубов; ќе сонува да стане лидерот што може да биде,“ рече во друго интервју.

Дејвид Ханд, кој има 91 година и чиј татко со исто име е еден од режисерите на старата „Снежана“, рече дека многу млади луѓе „не го ни гледале оригиналот“ и „немаат ни поим што зборуваат“.

„Мислам, тоа целосно поинаков концепт и воопшто не се согласувам и знам дека татко ми и Волт исто така не би се согласиле. Ги менуваат приказните, го менуваат начинот на размислување на ликовите... Измислуваат нови воук-нешта и воопшто не ми се допаѓа тоа. Искрено, малку ми е навредливо тоа што го прават со овие класични филмови. Нема никаква почит за тоа што го правеа Дизни и татко ми... Мислам дека тој и Волт се превртуваат во гроб.“

Зеглер на социјалните мрежи веќе има добиено етикета на псевдо-феминистка.

21 август 2023 - 15:32