Кинг наводно била инспирацијата за Дејзи Бјукенен во „Големиот Гетсби“, но под овие површински детали, приказната станува многу покомплицирана. Освен што имала романса со американскиот книжевен џин, била и авторка на текст што јасно е дека бил инспирацијата зад Гетсби, со што се поставува прашањето дали се работи за книжевна муза или жртва на плагијаторството на Фицџералд.
Родена е во 1898 во Чикаго и имала привилегиран живот како ќерка на финансиер. На друштвената сцена во градот пристигнува како една од „големите четири“ дебитантки за време на Првата светска војна. Морин Кориган во книгата So We Read On: How The Great Gatsby Came to Be and Why It Endures, издадена во 2014, растела во „живот со тенис, понија за поло, интриги од приватни школи и флертови низ кантри-клубови“. Во исто време била и запознаена со моќта на позицијата и богатството на нејзиното семејство; Кориган пишува дека „многу добро разбирала како функционира општествениот статус“.
Во 1914, Гиневра ја праќаат во школото Вестовер, елитно школо каде што со нејзе учат и членови на семејствата Рокфелер и Буш. Од нејзе се очекувало да води живот на благородничка, поточно да раѓа деца и да го одржува социјалниот круг на семејството. Но, работите се придвижуваат во поинаков правец, кога 16-годишната Кинг го запознава 19-годишниот Фицџералд (тогаш студент на Принстон) на една забава во Минесота, каде што била на гости кај цимерката од Вестовер.
Се познавале само неколку месеци кога Гиневра во дневникот напишала дека е лудо вљубена во него. Почнале да се допишуваат и со тек на време писмата им станувале сè поромантични; разменувале и фотографии. Кинг наводно спиела со писмата, надевајќи се дека „во ноќта ќе ѝ дојдат соништа за него“.
Фицџералд го посетил имотот на Кинг што бил надвор од Чикаго неколку пати, но нејзините родители одбиле да ја пуштат со него на официјалната „матурска“ за неговото завршување втора година на факултет, што било важен настан. Таткото на Кинг наводно му рекол на Фицџералд, „Сиромашни момци нема што да размислуваат да се женат за богати девојки.“ Сепак, Фицџералд не се откажувал од неговата „афера“ и напишал расказ во 1916 со наслов „Совршениот час“ каде што се замислува себеси конечно со Кинг. Ѝ го пратил „Совршениот час“, па таа го прочитала на пријател и тој ја пофалил „исклучителната проза“.
Како одговор, Кинг напишала расказ во кој се замислува себеси во брак без љубов со богат човек, сè уште вљубена во нејзиниот поранешен љубовник, Фицџералд. Одново се наоѓаат кога Фицџералд ќе заработи сопствено богатство и ќе се врати, во надеж дека повторно ќе ја освои. Познато? Расказот му го пратила на Скот во март, 1916, седум години пред издавањето на „Големиот Гетсби“.
Во 1917, вистинската врска меѓу Кинг и Фицџералд избледела, и таа влегла во договорен брак со Вилијам Мичел, богат човек и поло играч. Во меѓувреме, депримираниот и скршен Фицџералд се пријавил во војска, за Првата светска војна. Чува примерок од расказот на Гиневра до крајот на животот, иако нејзе ѝ рекол да ги уништи писмата што ѝ ги праќал.
„Затоа што таа е таа што ја пропуштил, Гиневра - дури и повеќе од Зелда - таа е љубовта што се заглавила како иритант во имагинацијата на Фицџералд, произведувајќи го книжевниот бисер кој е Дејзи Бјукенен,“ забележува Кориган, која смета дека делата на Скот се полни со ликови инспирирани од Кинг - Изабела во „Оваа страна од рајот“, Џуди во „Зимски соништа“ и Пола од „Богатото момче“.
После комерцијалниот успех на неговиот прв роман „Оваа страна од рајот“ во 1920, се жени за Зелда Сејр. Се претпоставува и дека „либерално позајмувал“ од дневниците на Зелда, а нејзината писателска кариера ја поттиснувал. Поточно, за време на нивниот проблематичен брак, многу јавно го обвинила за плагијаторство кога требало да излезе неговата „Убавите и проколнатите“.
„Ми се чини дека на една страна препознав дел од еден мој стар дневник што мистериозно исчезна кратко по мојот брак и исто така делови од писма што, иако значително уредени, ми звучеа познато. Всушност, г-н Фицџералд (ми се чини сега така си го пишува името) како да верува дека плагијаризмот почнува од дома.“
Според Зелда, Фицџералд како сопруг ја контролирал и бил бесен неговата нова „муза“. Кога му побарала развод во Париз, додека бил навлезен во завршувањето на „Големиот Гетсби“, ја заклучил во куќата додека не го повлекла барањето. Кратко потоа, се обидела да се самоубие.
Фицџералд се сомневал во себе цел живот и „Големиот Гетсби“ му бил начин да „ѝ врати“ на високата класа. Колку стварно бил лут?
Можел да влезе во највисоките ешалони на културната и социјалната елита, но сепак како релативен аутсајдер. Професорот Џејмс Л.В. Вест кој е експерт за Фицџералд за Чикаго Трибјун има кажано дека,
„Гиневра стигнала да ја претставува не само неговата осуда на богатите, туку и неговата амбивалентност, неговата фасцинација со богатството и неговата инфериорност во однос на тоа.“
Фицџералд умира на 44-годишна возраст, со малку имот на негово име, по избледената популарност за време на Големата депресија. Кинг живеела до 82 откако се премажила за бизнис-тајкун. Последен пат се сретнале во 1938, во Холивуд. „Таа беше првата девојка што сум ја сакал,“ ѝ кажал нервозниот Скот на ќерка му пред да се сретнат. Ја избегнувал за „илузијата да остане совршена“. Не поминало добро - кога Гиневра го прашала за кои книжевни ликови му дала инспирација, Фицџералд наводно одговорил со, „Која кучка мислиш дека си?“
Се разбира, на крајот, Фицџералд е тој што влегува во историјата, но влијанието на Кинг одново се разгледува последниве години. Нејзините писма до Фицџералд ѝ ги вратиле по неговата смрт и во 2003, биле донирани заедно со нејзиниот дневник на универзитетот Принстон, каде што се и другите дела на Фицџералд. Гиневра и самата станала објавен автор.
Со нејзините дела достапни за истражување, експертите дебатираат колку директно влијаела на Бјукенен и дали Фицџералд ги користел нејзините искуства и зборови за сопствена придобивка. Како и да е, Кинг на многу начини успева да го добие последниот збор, со оглед на тоа што писмата на Фицџералд до нејзе биле уништени. Во нивното јадро, нејзините писма откриваат длабока болка на една млада жена што знае дека љубовта ѝ е осудена на пропаст, но како и нејзиниот славен дечко, сè уште живее во фантазија или фикција. Како што ќе напише во едно писмо,
„О, Скот, зошто не сме на некоја игранка во лето сега, со полна месечина, во голема, прекрасна градина и нежна музика во далечината?“