Многумина ја знаат како „жената на познатиот Ф. Скот Фицџералд,“ но Зелда е посебна сама по себе. Била икона во ’20-те и една од најрелевантните фигури на таканареченото Jazz Age - и прва американска флаперка. Флаперките се генерација млади жени кои против сите норми покажувале тотална незаинтересираност за она што се сметало за „прифатливо однесување“. Не носеле корсети, носеле сукњи до колена (тогаш скандал!), се шишале кратко, слушале џез и пиеле во јавност.
Но, пред сѐ, Зелда е уметник. Танчерка, сликарка и што е најважно за нејзе - писателка. Не само што Фицџералд ја користел како муза, туку бескрупулозно ѝ ги крадел идеите и текстовите.
Во раниот 20-ти век, во американскиот Југ, од жените се очекувало да бидат послушни и мирни. Сепак, Зелда Сејр, родена во Монтомери, Алабама во 1900, не била ни едно ни друго. Наместо тоа, била активна, бунтовна и провокативна. Танцувала, пиела, пушела и активно се трудела да го предизвика конценционалното.
Се раскажува дека се бањала во купачи со боја на кожа за да започне гласини дека е гола во јавност. Не е некое изненадување дека Ф. Скот Фицџералд кој подоцна станува познат како еден од најбрилијантните американски писатели, лудо се вљубува во неа кога оди во Алабама во војска. Имал 22 години, а таа 18.
Веднаш се споиле, и двајцата атрактивни, интелигентни, љубопитни за уметностите и природно талентирани. За време на првите години од нивната врска, Скот работел на книгата „Оваа страна на рајот“, која морал одново да седне да ја напише за да базира еден лик на Зелда. Како што се движела врската понатаму, така растела и улогата на Зелда во неговото пишување: Му дозволувала да ги чита нејзините дневници, од кои копирал цели извадоци и ги ставал во неговите книги без да наведе дека придонела на некој начин.
Кога излегла „Оваа страна на рајот“, успехот бил неверојатен и ги катапултира како пар во елитните друштвени кругови. Скот ја нарекува Зелда „првата флаперка во Америка“ и таа станува икона. Подоцна, кога скоро во делириум, по раѓањето на нивната прва ќерка ќе каже
„Се надевам дека ќе биде прекрасна и будалеста, една прекрасна мала будала,“
Скот токму ова го запишува како реплика на Дејзи во „Големиот Гетсби“.
Првите години од нивниот брак биле полни со екцеси: поточно, многу забави и многу алкохол. Раѓањето на нивната ќерка не ставило крај на ова - најмувале помошници и дадилки за да можат и понатаму да продолжат да живеат на истиот неодржлив начин.
Ваквиот живот донел период на неверства, финансиски проблеми и расправии, често предизвикани од љубомората на Скот. Кога Скот чекал да се објави The Beautiful and the Damned, побарал од Зелда да му напише рецензија во Њујорк Трибјун. Во таа рецензија, Зелда прв пат кажува што се случувало откако се заедно.
„Ми се чини дека на една страна препознав дел од еден мој стар дневник што мистериозно исчезна кратко откако се омажив и делови од писма што, иако се изменети, нешто ми се познати. Всушност, г-н Фицџералд (ми се чини така се пишува името) верува дека плагијаторството почнува од дома.“
Иако коментарите се хумористични, предизвикале многу расправии. Кога Зелда почнала да добива покани и барања да пишува книги и статии, Скот веднаш почнал да се лути. Фактот што неговата „муза“ добивала сопствени шанси и можности да работи на теми што тој сакал да ги искористи во неговите дела, предизвикал нивната врска сѐ повеќе и повеќе да се влошува.
Кога парот се сели во Париз, Скот бил толку обземен од пишувањето на „Големиот Гетсби“, што Зелда си нашла занимација во љубовната врска со еден француски пилот. Кога му побарала развод на Скот, тој ја одбил и ја заклучил дома додека не го повлекла барањето. Кратко потоа, Зелда го има првиот обид за самоубиство.
Расправиите и тензијата стануваат сѐ полоши, а истовремено и здравјето на Зелда. во 1920-те, однесувањето и станува сѐ поужасно и на Скот, кој е веќе алкохоличар тогаш, му станува сѐ поодбивна. Зелда одлучува да почне да танцува професионално и иако успева да напредува многу, Скот не одобрувал, па ја одбива поканата да учи на престижната школа на Балетската компанија на операта Сан Карло. Некогаш гламурозните забави, сега стануваат деструктивни и декадентни. Конечно, 1930, Зелда ја примаат во психијатриска болница во Франција, каде што ѝ дијагностицираат шизофренија.
Кога ѝ кажале дека на татко ѝ му се влошува здравјето, парот Фицџералд се враќа во Монтгомери, а од таму Скот ја напушта и оди во Холивуд сам. По смртта на татко ѝ, проблемите со нејзиното ментално здравје отишле уште подалеку, па цело време влегувала и излегувала од психијатриски институции.
Сепак, овие услови не го стивнуваат нејзиниот ентузијазам за креативност. Во 1932, уште додека била во болница, напишала комплетен, полуавтобиографски роман со наслов „Зачувај ми го последниот валцер“ и го пратила кај издавачот на Скот. Кога Скот го прочитал, збеснал и ѝ пратил еден куп писма да ја кара за тоа што го напишала.
Реакцијата му била ваква затоа што тој планирал да го искористи истиот материјал за неговата книга Tender is the Night, што нема да ја заврши уште две години од тогаш. За да има доволно материјал за романот, ја принудил Зелда да ги извади деловите што сакал да ги искористи. Вака искасапена, ја објавиле, но не била успешна.
Иронично, и самиот Скот се придружил кон лошите критики, нарекувајќи ја „третокласна писателка“ и означувајќи го нејзиното дело како плагијат, обвинувајќи ја за она што тој го правел за време на нивниот брак. Романот е единственото нешто што е објавено од нејзе додека е жива и разочарувањето од исходот уште повеќе ја потонало Зелда.
Години по смртта на Скот, Зелда, повторно во болница, почнала да пишува уште еден роман, и покрај неуспехот на првиот. Насловот бил Caesar’s Things, но не успеала да го заврши. Загинала во пожар што избил во собата во која била заклучена, додека чекала терапија со електрошокови.
Иако животот ѝ завршил на трагичен начин, Зелда Фицџералд остава огромно наследство. Без разлика што нејзиниот сопруг е познат како еден од најбрилијантните писатели во историјата на САД, брилијантноста на Зелда постојано се открива и се слави, благодарение на разните објавени биографии за нејзе. Дебора Пајк во нејзината биографија за Зелда вели дека била важен придонес на историјата на уметноста. И нејзините дела и потешкотиите со кои се соочувала го истакнуваат женскиот поглед на уметноста во тоа време. И објавените и необјавените дела ги прикажуваат нејзините размислувања за современоста, менталните болести и плагијаторството. „Зелда: Биографија“ на Ненси Милфорд станува бестселер кој во центар ја става нејзе, како феминистичка икона која преживеала сопруг што контролира и одбива да го дели неговиот успех.
Благодарение на овие писателки кои дале глас на една жена што со години била замолчувана, луѓето ширум светот имаат прилика да ја откријат Зелда Фицџералд, не како „жена му на Скот“, туку како интелигентна, бунтовна, талентирана, силна и уникатна личност.
Патем, гледајте го The Wife (2018).