
Низ вековите, мирисите биле користени како заштита во време на чума, како пропаганда во војни, како тивок знак на отпор, но и како симбол на припадност. Од поробени луѓе кои користеле мириси за да имитираат благородништво, до денешни потрошувачи што купуваат „парфеми со кауза“ - мирисот секогаш носел порака.
И самите состојки имаат политичка приказна. Мириси како уд (oud), смоли и зачини станале популарни преку трговските патишта, каде што економијата и моќта оделе заедно. Францускиот град Грас често се нарекува лулка на европската парфемска индустрија, но неговото богатство се градело и преку колонијални ресурси. Зад секое шишенце стои географија, историја и нечие работно место и тоа често во нееднакви услови.
Политичен е и Miss Dior - создаден како омаж на Катрин Диор, сестрата на Кристијан Диор и членка на францускиот отпор за време на Втората светска војна. Таа преживеала тортура и логор, а по војната се вратила кај градините што ги сакала. Мирисот го носи токму тој спој - нежност и издржливост.
Парфемот како политичко оружје звучи како метафора, но низ историјата тоа е многу конкретна практика. Мирисот не служел само за естетика, туку за сигнализирање моќ, обликување перцепција и, во одредени случаи, влијание врз дипломатски односи. На пример, Клеопатра - антички извори опишуваат како таа ги заситувала просториите и дури и едрата на бродовите со интензивни мириси пред средбите со Марко Антониј. Намерата не била сведена само на заведување, туку на создавање контролиран амбиент. Мирисот станувал дел од сценографијата преку која таа воспоставувала доминација уште пред да проговори.

Во Версај во 18 век, мирисот функционирал како социјална валута. Луј XIV бил познат по својата опсесија со парфеми, делумно поради ограничените хигиенски практики, но пред сè како начин за обележување статус. Одредени мирисни композиции биле резервирани за одредени кругови. Да се мириса „на одреден начин“ значело да се припаѓа.
Наполеон Бонапарта користел парфем како дел од личниот ритуал и самопроекција. Познато е дека трошел десетици шишиња колонска вода месечно. За него, мирисот бил средство за одржување дисциплина, будност и конзистентен личен имиџ.
Во 20 век, парфемот влегува и во полето на симболиката и пропагандата. Chanel No. 5, популаризиран од Мерилин Монро, станува повеќе од производ - веќе е културен знак на модерна женственост, гламур и западен начин на живот во контекст на Студената војна.
И денес, иако посуптилно, мирисот останува дел од јавната презентација. Изборот на парфем може да влијае врз тоа дали некој ќе биде перципиран како авторитативен, достапен или елитен. Во политиката, каде впечатокот често е клучен, ваквите детали не се случајни.