OffCafé филм

Пак да се гледа: „Пред изгрејсонце“

Кога ќе ставиме задолжителни филмови во образование?

Како за филм што обавезно на секои неколку години, некој ми вика „Гледај го, многу ќе ти се свиѓа“ просто е чудно што дури вчера прв пат го гледав Before Sunrise, срамота. Не ни рачунам дека некој го нема гледано, од таму е и насловот таков.

А ако ве има такви како јас до вчера, па, имате една бонбона за гледање и не сте ни свесни.

Како дете, додека уште гледав телевизија, сто пати го имав начекано и никогаш не го загледав. Ми беше од оние филмови - знаеш дека е добар, ама „не можам сеа“.

Еве, сега можев.

Последниве 2-3 години, дали дека стресно, дали дека стриминг платформите пуштаат што стигнат, се вадам на репризи. Одгледав реприза на цела „Сексот и градот“ во знак на протест за новото продолжение (сега веќе нешто поблиску до возраста на ликовите во серијата, ама само нешто) и само ми се потврди како се помочаа на сè авангардно што изградија во оригиналот. Кога дојде ред за реприза од првиот филм, ми дојде депресивно за гледање - на тајмлајн, се ближи до новото срање од приказна и не ми се гледаше.

Така и видов дека HBO има додадено новитети и тоа стари филмови, веројатно препознавајќи дека новите - какви сака нека се - немаат шанси со старите.

И така го видов Before Sunrise.

Океј, ред е да се гледа. И онака секогаш имам бенефит од филмови што ги движат дијалози.

Да се потсетиме, приказната е двајца, дечко и девојка, тој Американец, таа Французинка, се среќаваат во воз, откако таа ќе се премести подалеку од пар што се расправа на остар германски. Контактот им почнува околу книгите што ги читаат. Од таму, после кратко, мазно запознавање, затоа што и двајцата се неоптеретени, прераснува во неочекуван микросвет и однос што на некои луѓе им се потребни децении за да го постигнат. Или, можеби, ако им се потребни децении, тогаш нема ни да го постигнат, онака како што им оди од рака на овие две, до скоро, деца.

Итан Хок треба да се симне во Виена, за од таму да лета дома. Џули Делпи од Будимпешта каде што била да ја посети баба ѝ се враќа во Париз затоа што ѝ почнува факултетот. Тој успева да ја убеди да се симне со него и да му прави друштво до сабајле.

Разговорите им се младешки, дури и детски. Умни се, аналитични и начитани, а сепак се доловува една блага незрелост што се разбира им е дозволена, а ти се препознаваш себеси и некои ригидни ставови што си ги имал пред да пораснеш и да сфатиш дека ригидноста е сувишна работа. А сепак, и тие ситни ерупции на младост и неискуство, покрај нивните убави умови, те тера да заклучиш една невозможна работа, тешка и за формулирање:

Ова е најмногу што смеат младите да си дозволат да бидат глупи.

Ова е најглупото што смеат да бидат.

Паметни, а неискусни.

Само тоа е оправдано.

После ти станува непријатно затоа што ако критериумот се деца од 20 години како во Before Sunrise, тогаш имаме сериозен проблем. Глупоста, неинформираноста и ароганцијата отсекогаш оделе многу подлабоко.

Затоа и ми се чини дека филмов треба да биде задолжителен. Свеж е како вчера направен и не го гази времето. На човек што допрва се соочува со реалноста, му отвара хоризонти дека не е само труло секојдневие, а сè друго се случува само на филм и во книга. На човек одамна соочен со реалноста му потврдува дека барањето поголема длабочина не е залудно.

А и дека не прават веќе вакви филмови, каде што има лик - бездомен поет кој продава песна смислена во моментот, па ти да му платиш колку мислиш дека треба.

Знаев дека снимија продолжение пред некоја година, ама не знаев дека некаде измеѓу има уште еден - значи три дела се.

Живо ме интересира дали поновите делови ќе ми се обратат на мене и дали ќе се оправдаат што постојат после првиот.

Во меѓувреме, препорачувам да се потсетите на филмот, и ако имате големи деца - да ги викнете да го гледаат со вас.

Супер ќе им биде. Поточно, ако им е супер, тогаш сте завршиле убава работа.

-Јана

20 јуни 2022 - 14:36