Новиот „Оркански височини“ е само лабаво потпрен на книгата - и одличен е

Да речеме дека следат одредени точки. Детство, младост, заминувањето на Хитклиф/бракот на Кети, уште малку лудило, па стигаат до половина роман и тука завршува. Сè помеѓу е како на режисерката ѝ се чинело дека се одвиваат работите. И не знам каде е проблемот, ако не ви одговара, направете си свој филм од стотици милиони долари со ваша интерпретација. Овој е сепак во наводници.

Романот „Оркански височини“ е еден од најдобрите во светската книжевност, не затоа што јас викам така, туку затоа што е објективно така и сувишно е да се натпаметуваме. Може да ви го гаѓа или да не ви го гаѓа вкусот, тоа е во ред, ама припаѓа на категоријата книги што откако ќе ги прочиташ како да му додаваш килажа на духот, кои за жал денес се удавени во морето... други.

Режисерката Емералд Фенел имала 14 години кога прв пат ја прочитала. Како 14-годишно дете се воодушевила од приказната и ја доживеала различно од некој што би ја прочитал на 20, 30 или 40. Затоа и дејството се движи како сеќавање и како сон - како да се присетуваш на книга што си ја обожавал како мал. Затоа Кети е русокоса, Хитклиф вајан и двометраш, куќата на Линтон е во разни прекрасни бои, панделки, свила и кадифе, затоа Изабела не му е сестра, туку штитеничка на Едгар, затоа никој не раѓа, затоа втората (понеинтересна) генерација е комплетно баталена и затоа толку многу секс.

Она што е највозбудливо е што во живо гледаме (и ќе гледаме) - како филмот ќе влијае на културниот цајтгајст и трендовите во наредниве неколку месеци, ако не и години.

Филмот подели и завојува цели културни редакции по најголемите магазини и весници ширум светот, ги исповреѓа книжевните елитисти, освестените ги фрли во очај околу кастингот („Хитклиф е со темна кожа, Кети е црна!“), и милиони како мене ги заинтересира да се навратат и на оригиналниот материјал и да почекаат да видат што ќе излезе. Колку милиони се фатиле да ја прочитаат книгата прв пат поарно да не броиме - гледате зошто е културен феномен?

Приликава ќе ја искористам да упатам апел до кино-салите во земјава да пуштат дневни проекции за вакви како мене - нешто нека биде околу пладне, и порано можам, не ми е проблем - нешто што ќе ми го остави денот непосветен на идењето во кино. Да, знам дека за викенд има, за цртани и за некои поведри филмови и од 2 попладне, ама нè има и такви што со задоволство би гледале „Оркански“ во 11 после доручек. Па, нема прозори во кино за да се наруши доживувањето, де.

Ајде назад, значи на најраната проекција нема ни гужва. Дваесетина дотерани жени и двајца мажи во салата, од кои на едниот уште на влегување се гледа дека му е „испод части“, а се докажа со тоа што на две третини од филмот демонстративно ја напушти салата. После рекламите, платното нè замоли да не пушиме електронски цигари, што на некој од присутните му дојде како потсетник дека тоа, иако забранета - сепак е опција, па нè почасти неколку пати со ајкос што може не мирисаше на пелена, ама затоа глумеше дека е со мирис на јагода, па добивме атмосфера збогатена со скиселен овошен јогурт заборавен во фрижидер.

Ако веќе правите бељи, запалете аман нормална цигара, помалце ќе сакаме да ве пријавиме кај редарот.

(Не пријавивме, губење време ќе беше).

Филмот почнува со непријатна сцена, а насловот се испишува со букви од прамени коса.

Одма сум воодушевена. Атмосферата, карпите, непријатната, ужасувачки убава и меланхолична околина на домот на Кети и Хитклиф се веднаш верно прикажани. Од старт (добро, и од инсерти и трејлери) знаеш дека ќе добиеш боја, музика, комплетно кино искуство. И токму тоа е тоа што го прави овој филм за уживање, ако се ослободиш од елитистичкото дигање нос дека е not my Cathy, not my Heathcliff. Ова е филм од и за Емералд Фенел, генијалката зад Promising Young Woman. И за сите што ја запаметиле приказната на Кети и Хитклиф како најромантичната трагична љубовна приказна, а немале доволно зрелост да видат дека главните ликови се ужасни, гадни створења што си ги уништуваат животите и меѓусебно и на сите околу нив.

Од овде натаму може да има по некој спојлер, дури и за тие што ја прочитале книгата, затоа што филмот е друго.

Филмот е фантастичен. Вложено е толку љубов, посветеност, младешка опсесија, исполнување желби. Не, не е базиран на романот. Лабаво е потпрен на романот - имаме работа со две различни дела. Во денешно време од сите страни ни сервираат „ради реда“ работи, а „Оркански височини“ ни ја овозможува баш онаа заборавена филмска магија.

Во една статија од оние „Сите мисли што ми поминаа низ глава додека го гледав филмот“, начекав коментар:

Men are so back, baby!

и ме замисли: Десетина-петнаесет години и повеќе, поп-културата громогласно и добредојдено ги руши патријархатот и токсичната машкост, па заедно со идиотите, насилниците и општо - говната од мажи, од јавниот дискурс ги избрка и обичните мажи, кои иако не беа родово-флуидни, сепак си ги почитуваа жените и семејствата, си ги сакаа своите друштва и активности и беа силни сојузници на ЛГБТ заедницата.

Хитклиф на Џејкоб Елорди (богами, ниеден Хитклиф, ни од романот ни од која било адаптација) никако не е вистинскиот лик да ги враќа во мода, ама ТикТок и Инстаграм Рилс се преполни со комични видеа од жени што се обидуваат да ги натераат своите партнери да бидат Хитклиф (и никако не им успева), така што овој згоден дечко како да задира во нешто што во поново време го добиваа само од читање еротика.

Е сега, заедно со обичните дечки на кои природно им доаѓа да соблечат јакна и да си ја облечат девојката да не ѝ е ладно, веројатно ќе дојдат и занесени типови што мислат дека се Хитклиф, а не се, па за тие ќе почекаме да се уморат.

Каде филмот отстапува од книгата?

Кај не.

Прво, постар брат на Кети нема - сите негативни карактеристики се вметнати во ликот на таткото - истиот што ќе го донесе Хитклиф дома како мал.

Нема втора генерација, нема ќерка на Кети, нема син на Хитклиф, нема син на Хиндли (братот), што е супер заштедување на време и простор - ако немаш намера да раскажеш што се случува после смртта на Кети, нема зошто од почеток да ги спомнуваш, особено кога ништо друго освен Кети и Хитклиф не го интересира 14-годишното девојче во тебе.

Ако треба за нешто да негодувам, и нешто за кое што, во недостаток на подобар израз - ми е малце криво - беше што не беа самите Кети и Хитклиф лично виновни за своите судбини - Нели беше. Мислам, главно и тука на филмов меѓу себе се упропастија, ама слугинката Нели беше иницијалната каписла, а немаше потреба да биде така.

Во книгата, доилката и куќна помошничка Нели е крајно разумниот наратор и набљудувач на целата приказна. Искрено добар, неискварен лик, дури и душата ѝ ја вадеа со глупостите што ги правеа сите што ѝ беа претпоставени. Целата поента на делото е токсичноста, ужасот и лудилото на карактерот на Кети и Хитклиф. Истите особини што ги одвојуваат, истите особини што уништуваат животи и што ја прават нивната љубов една од најтрагичните во литературата.

Во овој филм, Нели благо ги поднаместува да се разидат и со тоа презема голем дел од товарот за општиот хаос - товар кој всушност ги правеше овие два лика тоа што се.

И можеби е така решено затоа што Емералд Фенел избрала да ги заобли, да ги направи подопадливи, пожални, поневиновни за тоа што им се случило. За споредба во „Оркански“ од 1992 со Ралф Фајнс и Жулиет Бинош - некако не ги жалиш. Добро, ги жалиш, ама не како овие на Џејкоб Елорди и Марго Роби. Овие се лоши, груби, гадни, ама не на тој одбивен начин како оригиналите. На моменти тоа дури ги прави и неконзистентни.

Инаку, прекрасни. Марго Роби е толку убава и талентирана, што заборавам дека и тон хумор лежи во неа. Многу ми е ќеиф дека е моментално меѓу најбараните и најуспешните.

Џејкоб Елорди исто. После „Франкенштајн“ не се ни сомневав дека го бива, ама баш е одличен глумец, плус разбуди еден тон жени од зимски сон во кој имаа потонато поради обврски, деца, работа и тоа па тоа.

Така и треба да прави добра приказна и успешна филмска магија.

Ќе биде забавно да се набљудува афтершокот од ваков силен културен земјотрес. Да, знам дека тие што мислат дека не ги допира поп-културата ќе се занесат и ќе фркнат саркастично на изразот „културен земјотрес“, ама за тие и Мерил Стрип имаше еден монолог што сакале-нејќеле - го знаат.

Како и да е, супер е да се живее во свет каде што постојат и светот на Емили Бронте и светот на Емералд Фенел.

Читајте и гледајте.

-Јана

19 февруари 2026 - 15:16