Новата адаптација на „Мали жени” не е само „филм за женски”

Филмот добива одлични критики, а според Гардијан е „умна, ведра и мудра адаптација која е чисто задоволство од почеток до крај.” И плус, доаѓа како потсетување колку беше феминистички романот уште од неговото прво излегување во два дела во 1868 и 1869.

„Кога го прочитав на 30, не можев да верувам, ми се чинеше како никогаш претходно да не сум го читала,” вели режисерката Гервиг во интервју за Њујоркер. „Не ми се веруваше колку е современ, колку е чуден, колку е интересен. Јас сум го запаметила како сладок, а воопшто не е така. Многу е покомплицирано.”

Приказната е за растење умни, амбициозни и креативни девојки во време кога општеството постојано ги потценува, факт од кој што доаѓа и насловот. Хероината Џо очајно сака да биде писателка, но е под притисок да се омажи и да му помогне на семејството финансиски.

„Жените имаат умови и души исто како што имаат и срца, имаат талент и амбиција исто како што имаат убавина и смачено ми е да слушам како жената е создадена само за љубов,” вели Џо во филмот.

Иронично е што иако е продуцент на еден од најдобрите филмови годинава, Гервиг не добива баш колку што заслужува - не беше номинирана за Златен глобус, не беше во конкуренција за најдобро сценарио, иако креативно ја има адаптирано приказната како нехронолошки двоен наратив кој наизменично ги прикажува девојките како мали и возрасни.

Можеби нејзиниот афинитет кон сестрите Марч, преку битката да се биде жена-уметник ја прави оваа адаптација на „Мали жени” толку добра. Партнерот на Гервиг, Ноа Баумбах е исто така режисер, и без разлика што устата пена му фати од фалење и тврдење како нејзината работа влијае на неговата, сепак, медиумите ја сликаат Гервиг како негова муза.

Женските приказни упорно се отфрлаат и не им се дава статус на висока уметност. На Гервиг ѝ е тоа јасно, како и на секоја жена што пишува романи или создава уметност на кој и да е начин. Како и Џо во приказната, мораш да се бориш за да те препознаат. И пак, филмот ќе заврши како „женски”, а многу мажи ќе одбијат да го гледаат во кино, но тие што ќе одат сосила, заради ќерките, девојките и жените, ќе откријат дека е полн со човечност.

Сега книгата е одново измислена за новата генерација и, како што завршува Р.Л. Кослет за Гардијан, има важна порака за девојчињата ширум светот:

„Тоа што го сакаш е валидно и се важи.”

25 декември 2019 - 18:19