Би сакале да мислиме дека скриените камери за по дома се осмислени за лична безбедност. Ама за такви ситуации, нели вообичаена, видлива камера би била доволна?
Ајде да речеме дека сакаш да ги провериш тие што ти живеат, или ти работат по дома. Дали те крадат, и слични непријатности - за вакви моменти, постојат камери вградени во штекер, во огледало, во растение, во сијалица... Некако премногу работа да видиш дали заради цимерот секој ден ти фалат 500 денари од џеб, или зошто детето ти трепка преплашено кога треба да дојде бебиситерката. Се решава тоа и без камера.
Но, постојат. Постојат језиви моменти по свет, каде што луѓе пријавуваат дека откриле скриени камери во приватни и хотелски соби, каде што се разгаќуваш, се шеташ гол или правиш работи што се прават само кога мислиш дека никој не те гледа. И толку се гадно-иновативни, што следното патување веројатно нема да можете да спиете додека не ги осветлите сите штекери и огледала со телефон за тоа злокобно црно крукче што значи дека некаде во околина, има језив тип што набљудува што правите.