11 септември 2001, Њујорк, два авиони удираат во кулите-близначки. Светот го задржува здивот.
Меѓу луѓето кои во живо го гледаат распадот е и еден 24-годишен уметник, Џерард Веј, кој во моментот е на пракса во Cartoon Network. Стои на пристаниште, гледа како сè се руши и чувствува дека нешто неповратно се менува. Таа вечер зема гитара и ја пишува песната Skylines and Turnstiles.
Следниот ден им ѕвони на пријателите Реј Торо и Мат Пелисиер. Така започнува My Chemical Romance.
Од таа точка почнува еден од најчудните и најнеочекувани културни синџири.
Доаѓа 2003 година. Стефани Мајер, домаќинка од Аризона, случајно навлегува во музиката на My Chemical Romance. Се опседнува со нивната сирова емоција, со гласот на Џерард Веј, и со „спојот на болка и убавина“.
Една ноќ сонува сон: вампир и девојка разговараат во ливада. Станува и веднаш почнува да пишува.
Добиваме Twilight (иако не побаравме).
За создавањето на ликот на Џејкоб Блек, Мајер има изјавено дека „се инспирирала од емоционалниот интензитет на MCR.“
„Тоа сирово, неконтролирано чувство - некој кој го доживува за првпат и сака да го разнесе целиот свет,“ вели таа.
Скоро преку ноќ, Twilight станува светски феномен, а вампирски романси почнуваат да доминираат во поп-културата.
Меѓу милионите опседнати читатели е и Британката Е. Л. Џејмс. Толку многу ја сака книгата што почнува да пишува фан-фикција базирана на неа. Таа фан-фикција постепено се претвора во книга што ќе го помести поп-културниот тек на следната деценија: Fifty Shades of Grey.
Холивуд прави филм. Во главна улога - Дакота Џонсон.
*фан-фикција: се опседнуваш со некое дело толку многу што мораш и ти да додадеш настани што тебе ти текнуваат. Во случајот на Е.Л. Џејмс, во романот ѝ фалеле секс-сцени. Па си ги напишала. Па, потоа ги сменила имињата и некои работи, па станало роман за трапава девојка и милијардер со фетиш. Веќе имала огромна бројка на следачи на интернет - и тоа е. Тоа е приказната за „Педесет нијанси сиво“.
Назад на бизарниот домино ефект: Дакота почнува да гостува во популарни ток-шоуа за да го промовира филмот. Еден ден се појавува кај Елен Деџенерес.
Разговорот започнува вообичаено, но наскоро се претвора во незгоден, неудобен момент што тешко се заборава: Елен инсистира дека Дакота не ја поканила на роденден. Дакота, со видлива непријатност, ѝ одговара:
„Всушност, тоа не е вистина, Елен.“
Овој мал момент станува вирален. Интернетот ја прогласува Дакота за кралица на незгодното, а Елен за лош домаќин. Се отвора поширока дебата за нејзиното однесување кон гости и вработени.
После 19 години и повеќе од 3.000 епизоди, шоуто на Елен завршува во 2022 година.
Иронијата е што никој од вклучените не го планирал тоа. Секој само реагирал на претходниот импулс. А токму така, случајно и несвесно, поединечни моменти во историјата ја редефинираат целата култура - од вампирски романи, до ток-шоу империја.
*Се разбира, ако зачиташ коментари на оваа идеја на интернет, ќе се изначиташ и контра-аргументи зошто ова не е така, како на пример дека My Chemical Romance се инспирирале за бенд од Smashing Pumpkins, а Стефани Мејер била инспирирана од Muse, а не од нив. Од сево ова, сигурно е точно дека сме принудени да знаеме за 50 Shades само затоа што постои фан-фикшн.