Ќерка ми имаше само три години кога заврши бракот и првите осум слики што ги објавив беа од нејзе. Како и многу родители, на Инстаграм гледав како начин да споделам слики од нејзе со моето семејство, особено со мајка ми, која ми е оддалечена 800 километри.
Истовремено, ги објавував и за себе. Ќерка ми ја имам само два дена во две недели и ми недостасува секој ден кога не е со мене. Болно е. Она што Инстаграм ми го овозможи беше да креирам еден вид дигитална физика, да го спојам времето и просторот во моја корист. Офлајн, поминувам прекрасни часови со нејзе и потоа исчезнува. Онлајн, таа е со мене повторно кога објавувам и повторно кога ќе добијам нотификација дека некој реагирал на тој пост. Како универзумот да ми праќа ехо од тој момент.
Кон средината на 2013-та, почнав да ја нарекувам „Дамата” во коментари. Немав намера да и создадам алтер его, ете, еднаш ја нареков „дамата”, без големи букви, па уште еднаш, па ги направив големи, па решив дека оттогаш така ќе правам.
Сите мислиме дека нашите четиригодишни деца се слатки и прекрасни и сега кога цената на една фотографија е буквално нула, ги сликаме по цели денови и ги објавуваме кај стигнеме. Јас лично порано размислував за фактот што ретко објавувам слики од себе, како доказ дека оддолевам на нарцисизмот што го налагаат социјалните мрежи. Потоа, прочитав еден пасус во книгата на Адам Гопник, „Ангели и времиња”:
„Нема посилна емоција во светот, емоција што ја носи мистеријата на репродукцијата појасно пред перцепцијата на еден маж - од постоењето на дете од спротивниот пол кое личи на тебе, не постои поголема емоција од љубовта што таткото ја чувствува за женско дете во кое сепак, не ја гледа мајката, туку себеси.”
И тогаш сфатив дека со објавување слики од ќерка ми, јас всушност објавувам селфи. Добро, така е. Но и повеќе од тоа е. Затоа што се слушам себеси во она што таа го зборува. Дамата знае како да каже шега. Со време, моите објави за нејзе почнаа да се претвораат во она што се сега. Нешто што е блиску до комична рутина меѓу нас двајца.
Кога се работи за Инстаграм, јас сум пакувач - на нејзината слаткост и смисла за хумор, заедно со мојот хумор. Слушаме многу за психолошката опасност од објавување идеализирани верзии на нашите животи онлајн. Ја разбирам грижата - но би рекол дека не објавувам јас изведување. Таа се игра себеси, во сопствениот живот. Јас само додавам зборови, нејзини или мои и се надевам дека кај луѓето ќе предизвикам насмевка. Перфоманс е само колку што и животот е перформанс.
Пет години, Дамата е присутна на Инстаграм преку мене, но немаше сопствен акаунт. Во 2018-та, сепак, деветгодишната Дама доби Ајпед и наскоро и сама дојде на Инстаграм. Пред ова, Инстаграм ми беше начин да испраќам љубов и да ми се враќа од другите луѓе. Откако е онлајн, ми стана за оние моменти кога сакам да и речам, „Здраво, мала Дамо. Те сакам.” Кога ќе ја регистрира пораката со лајк, всушност вели, „Те слушнав, тато.” Ова е уште еден канал за споделување на искуството што го создадовме во дигиталниот етер.
Дали е вистинско?
Што е повистинско од љубовта? Колку често сте посакале да може некој што не е присутен со вас да разбере колку го сакате? Инстаграм ни го овозможува тоа, да пратиме љубовна порака во космосот, знаејќи дека човекот ќе ја прими. Да не забораваме дека огромен дел од секоја врска секако се случува во умот и во срцето. Не е само да имаш двајца луѓе физички еден до друг. Се работи за она што тие двајца ќе изберат да го вметнат во нивниот однос. Да пратиш некому порака со љубов не значи извртување на твојата реалност - значи интензивирање на таа реалност.
Пред неколку години, брат ми Стив објави пет прекрасни боенки. Подоцна ми кажа дека кога почнувал и бил малку несигурен околу мудроста на сето тоа (Прават ли вистинските уметници боенки?), еден неочекуван исход му покажал колку е тоа прејако - Под разни хаштагови на Инстаграм, луѓето објавувале стотици (ако не и илјадници) негови цртежи, обоени од нив, и некои биле запрепастувачки добри. „Имам комплетно нова конекција со моите фанови, каде што тие учествуваат во создавањето на уметничкото дело со мене. Никогаш порано не сум почувствувал нешто вакво,” ми рече.
Јас и Дамата не си ги боиме цртежите еден на друг, но секако додаваме боја на сликата на која сме ние.