
Иако многумина ја паметат само како „жената на Стивен Хокинг“, реалноста е многу поразлична и, на некој начин, иронична. Џејн не само што не била позадина во неговиот живот, туку и самата е високо образована академска личност со докторска титула и сериозна интелектуална кариера. Има докторат по средновековна шпанска поезија и со децении се занимава со литература, пишување и академска работа, иако тоа ретко се спомнува и ретко е некому битно. Во колективната меморија, таа често останува само како „неговата сопруга“, а нејзиниот интелектуален профил е сосема независен, особено поради комплетно различниот академски правец. И како по правило е една од жените на успешни мажи кои на крај биваат фуснота некое кратко поглавје во нивните бројни биографии.
Џејн Хокинг не само што студирала и работела, туку и се соочувала со исклучително тешки околности - брак со човек чија болест прогресивно се влошувала, грижа за три деца, и живот во сенка на глобална научна слава која постојано растела. Во нејзините мемоари таа детално опишува колку било комплексно да се биде во врска со „жив ум“ кој истовремено станува и глобален симбол.
Интересно е што, и покрај нејзиниот академски статус, јавниот наратив често ја сведува на емоционална или биографска споредна линија, како нејзиниот интелект да постои само во однос на него, а не сам за себе.
Приказната не е само за еден брак, туку и за начинот на кој историјата ги распределува улогите. Кој се памети како „гениј“, а кој како „поддршка“? Кој добива титула, а чија титула останува невидлива?
Во случајот на Џејн Хокинг, парадоксот е јасен: таа има докторат, сопствена академска патека и авторски глас, но во јавната свест често дури и не се спомнува по име. Наместо тоа, дури и во нашиот наслов, останува „сопругата на Стивен Хокинг“, за прво да се разбереме за кого ќе правиме муабет.
Но, да се потрудиме - Џејн Вајлд Хокинг: