Од едната страна често се наоѓа профил на император, декоративен орнамент или класичен мотив. Од другата - експлицни еротски гравури кои јасно укажуваат дека нивната вредност не била финансиска, туку телесна. Овие жетони биле дел од паралелна економија, невидлива но совршено функционална, што опстојувала во Париз за време на Belle Époque и уште порано.
Служеле, да речеме, како чипови во казино. Гостите ги купувале при влез во луксузните бордели, а потоа ги предавале на сексуалните работнички како претплата за одредени услуги. Но нивната улога не била само практична, туку и стратешка - обезбедувале дискреција. Наместо клиентот гласно да објаснува што сака, жетоните, често со различен дизајн или симболика, однапред означувале што точно е „нарачано“ од менито на куќата. Така се избегнувала непријатноста, а трансакцијата се одвивала тивко и ефикасно. Второ, жетоните ѝ овозможувале на мадам-от на борделот подобра контрола: на крајот од вечерта, секоја работничка ги предавала жетоните што ги добила, и на тој начин се пресметувала заработката, во зависност од условите.
Денес, да држиш ваков жетон во рака е како допир до некое друго време. Потсетува дека и во епоха на строги морални кодекси и империјални амбиции, индустријата на задоволството имала своја инфраструктура. А сепак, не ја измислиле Французите оваа пракса - корените водат до Антички Рим, каде што постоеле spintriae - мали бронзени или месингани жетони со број на едната страна и еротски сцени на другата. Историчарите расправаат дали понекогаш служеле и како жетони за бањи или игри на среќа, но нивната визуелна содржина јасно укажува на нивната главна намена. Принципот бил ист: стандарди, контрола и пред сè - дискреција.

Идејата повторно се појавува во Париз во време на Наполеон III, кога градот доживувал експлозија на ноќен живот и организирана проституција и сличноста е впечатлива: профилот на императорот на едната страна, а тивкото ветување за она што тe чека зад завесата - на другата.
Како завршило лицето на Наполеон III на жетони разменувани во бордели? Во многу случаи, ги преработувале од застарени или повлечени монети, кои веќе немале официјална вредност. Во полумракот на борделите, државниот авторитет бил ирелевантен - важело само она што металот го ветувал.

Денес, овие жетони се предмет на интерес за специфичен круг колекционери: нумизматичари со наклонетост кон маргиналното, историчари на „скриениот град“, или едноставно љубопитни трагачи по бувјаци. Понекогаш се појавуваат на аукции, но многу од нив сè уште лежат заборавени во фиоки и кутии, како сувенири од Париз што повеќе не постои.
